Протести во Албанија – „Ова не е народ, туку малцинство кое бара хаос“

Во Албанија, во поголем број градови продолжуваат протестите поради зголемените цени на прехранбените и други производи, како и горивата.

Во престолнината синоќа по третпат демонстранти протестираа пред владата, а беа блокирани и повеќе патни правци низ земјата меѓу кои и автопатот Тирана-Кукс и Патот на Арбр.

На синоќешниот протест дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата, интервенираше и единицата за брзо распоредување а повеќе учесници во протестот беа приведени.

Следуваше реакција на премиерот Еди Рама, на Твитер, од Анталија, каде учествуваше на панелот „Регионални и глобални патишта до мир и просперитет“.

Тој обвини дека овие протести се „ниски обиди на истите сенки од минатото и оти зад нив стојат прогласените и сè уште непрогласени нон грати“ алудирајќи на поранешниот премиер Сали Бериша и актуелниот шеф на државата, Илир Мета.

Според него, граѓаните на протестите не се народот, туку малцинство кое посакува хаос во државата.

„Во ова имаат вмешано рака прогласените и непрогласените нон грати, овие протести се низок обид на истите сенки од минатото, да се манипулираат луѓето со фрлање на скриениот камен во рака! Ова не е народот, туку истото бучно малцинство во потрага по хаос“ – напиша Рама на Твитер.

За денеска најавен е масовен протест во Тирана со присуство на граѓани од сите делови на земјата, поради што засилено е обезбедувањето пред државните објекти, а вратите на владата зграда се блиндирани.