„Ние сме предмет на пропагандна војна, лажни вести и хибридни напади, кои се зголемени на „енти-степен“ од почетокот на конфликтот во Украина“. Ова вечерва на тв Телма го изјави претседателот Стево Пендаровски.
„Од 2018 година, кога го организиравме референдумот за името, ние сме под постојан бараж на напади, кои во голем дел доаѓаат и од Русија“ рече Пендаровски.
Тој потенцира дела американските разузнавачи уште на 5. ноември минатата година ги информирале највисоките органи на власта во земјава дека Русија ќе ја нападне Украина.
„Ја споделивме веднаш со институциите кои се под нас. Тоа беше на ниво на информација. Следниот месец, големите медиумски сервиси не веруваа во тоа, но кон крајот на декември, НАТО и ЕУ потврдија дека информацијата е точна. Без паника на населението, ние се апдејтиравме во армијата, а ресурсите на разузнавачката служба беа насочени кон истокот за од таму да добиеме некаква информација. Во делот на стоковите резерви ние не чекавме 24 февруари, туку обезбедивме до грам се што треба“ – додаде Пендаровски
Шефот на државата истакна дека нема намера да се сретне со рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин, посочувајќи дека нашата држава пред неколку дена се приклучи кон санкциите на ЕУ.
„Нема да се видиме затоа што има една фраза која е содржана во четвртиот пакет санкции на ЕУ и САД. Таму постои формулација, која што гледам медиумите слабо ја објавуваат, дека тие кои се приклучуваат кон санкциите треба и дипломатски да ја изолираат Руската Федерација“ – рече Пендаровски.