Граѓанин на Црна Гора (35) е уапсен во шпанскиот град Бенидорм (провинција Аликанте) за трговија со дрога, напад врз полиција, фалсификување документи и кривично дело против безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Како што пишува порталот шпанскиот портал АБЦ, а пренесува црногорски Вијести, Црна Гора по него распишала меѓународна потерница од Интерпол поради трговија со дрога.
Како што информираат од шпанската полиција, нивната интервенција започнала кога полицајци од Бенидорм рутински вршеле проверки на централната улица на градот.
Во тој момент човекот кој го управувал автомобилот ги игнорирал сигналите на полицајците и со голема брзина поминал низ контролниот пункт, поради што ги загрозил животите на полицајците и ги принудил да се засолнат за да не ги прегази.
После тоа, според шпанските медиуми, почнале да го бркаат Црногорецот по улиците на Бенидорм.
Во таа бркотница, граѓанинот на Црна Гора управувајќи го автомобилот ја загрозил безбедноста на другите возачи, но и на пешаците кои во тој момент се движеле по тие улици.
На крајот го напуштил возилото и почнал да бега, но по неколку стотини метри бил пресретнат од полицаец. Шпанските медиуми пишуваат дека тој цело време при апсењето давал отпор, и дека бил многу агресивен кон полицајците.
При апсењето, кај црногорскиот државјанин полицијата пронашла 11.510 евра во кеш.
При преглед на возилото што го управувал била откриена голема црна кеса во која имало четири вакуумски пакувања марихуана со вкупна тежина од 22,84 килограми и вага.
При апсењето со себе имал чешка лична карта и возачка дозвола за кои било утврдено дека се лажни.
Заедно со неговиот отпечаток од прст, системот покажа дека уапсениот е Црногорец кој се гони пред Кривичниот суд во Мадрид.
АБЦ пишува и дека црногорскиот државјанин се криел во Шпанија откако во 2017 година бил осуден на четири години затвор во Црна Гора за трговија со дрога.