Алкараз ќе биде најплатениот тенисер на светот!

Доколку не се случи некој неочекуван пресврт, Карлос Алкараз наскоро ќе стане најплатениот тенисер на светот!

Според информациите од тимот на шпанската ѕвезда, кои ги пренесоа тениските медиуми, Алкараз годинава би требало да го продолжи договорот со Најк, наверојатно за следните 10 години, но многу подобрен.

Сегашниот договор Алкараз го потпиша во 2019 година, кога не беше меѓу најдобрите 500 тенисери во светот, и додека само упатените знаеја какво талентирано дете е.

Ниту тој, ниту неговиот менаџер Алберт Молина, не можеа да претпостават дека за пет години ќе преговораат за продолжување на договорот за повеќе милиони долари.

Порталот „Пунто де Брејк“ дознава дека во Најк веќе подготвиле нов нацрт-договор за да се осигураат дека некој друг производител на спортска опрема нема да им го украде Алкараз.

Победникот на САД опен во 2022-та и на Вимблдон 2023 година, има силна преговарачка позиција бидејќи знае каде е поставена границата.

Неговиот ривал (и пријател) Јаник Синер, потпишал 10-годишен договор со Најк во 2022 година за 15 милиони евра по сезона или вкупно 150 милиони евра.

Тоа е повеќе од она што Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал го заработуваат со Лакост и Најк (двајцата по 10 милиони евра годишно), што го прави Синер моментално најплатен тенисер на планетата кога станува збор за заработката од спонзорството.

Треба да се каже и дека Италијанецот во тој момент им се приближувал на првите 10, со само две грен слем четвртфиналиња.

Алкараз моментално е светски рекет број 2, на 20- годишна возраст, и веќе има два грен слем титули што укажува дека може да наддава за поголеми суми.

Според информациите на „Пунто де Брејк“, неговиот тим би се задоволил со 20 милиони евра по сезона. Алкараз, за ​​споредба, досега во кариерата има заработено помалку од 25 милиони евра од турнирите.