Владата во Хрватска денеска соопшти детали во врска со падот на беспилотното летало – дрон кое синоќа околу 23 часот се урна кај Загреб.
Премиер Андреј Пленковиќ денеска и се обрати на јавноста наведувајќи дека се работи за летало од руско производство.
„Според она што сега го имаме како информација, се работи за авион од руско производство. Не се знае дали бил во сопственост на руската или украинската армија. Се знае дека во Хрватска дошла од правец на Унгарија, а во Унгарија од правец на Романија. Знаеме дека неколку минути ја прелетала Хрватска и паднала во Загреб. Добро е што никој не е повреден и паднал на дел што не е ниту куќа ниту зграда. Надлежните служби спроведуваат истрага“, изјави Пленковиќ.
Од хрватската Влада наведуваат дека „Во тек е криминалистичка истрага во соработка меѓу криминалистичката полиција и воената полиција, а се преземаат и други мерки за координација на безбедносниот и одбранбениот систем, вклучително и меѓународната соработка, особено со НАТО, за да се утврдат сите околности”.
Изјава во врска со оваа ситуација имаше и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
„Ова е сериозен инцидент. Треба да се утврди како е можно безпилотно летало од шест тони со големина на авион да „помине повеќе од еден час над членка на НАТО, а никој да не го забележи“. Како што стојат работите, полетало од Украина и паднало над Загреб кога останало без гориво“ рече Милановиќ.
„Не добивме никаква дојава. Објектот летал над Унгарија повеќе од 40 минути, во Хрватска летал помалку од седум минути и паднал во областа Јарун, во Загреб, за среќа без жртви. Ова е сериозен инцидент и ние така се однесуваме кон него. Во тек е истрага, сакаме да ги утврдиме сите детали“ – рече Милановиќ.
Милановиќ, ги повика граѓаните да останат смирени.
„Во моментов, предмет на сериозна истрага е како е можно никој да не го забележал ова. Ќе се утврдуваат фактите. Како е можно несофистициран авион да помине повеќе од еден час над членка на НАТО, а никој да не го забележи? Во истрагата се вклучени воени служби. Како што стојат работите, леталото полетало од Украина, паднало над Загреб кога останало без гориво“ – рече Милановиќ.