Петровска: Затскриена фирма со руски капитал сакала да добие тендер во Одбрана

Сомнителна фирма со руски капитал се обидела да влезе на тендер за набавка на специфична опрема во Министерството за одбрана. Ова го откри министерката Славјанка Петровска, која најави дека ќе побара измени на Законот за јавни набавки, особено во делот во кој добитник на тендер е фирма што ќе понуди најниска цена.

„Фирмата е регистрирана во земја членка на ЕУ за да се прикаже како релевантна на пазарот, меѓутоа во постапката уште пред да биде направена безбедносната проверка, македонските разузнавачки служби алармирале дека станува збор за сомнителна руска фирма“, брифира Петровска.

Според министерката, оваа фирма во втората фаза од тендерот понудила 50 отсто поевтина сума за разлика од конкурентските компании, со што бил потврден сомнежот дека по секоја цена руската фирма сакала да победи на тендерот. Петровска не откри детали за која фирма станува збор и каква точно опрема се набавувала.