Вучиќ: Изборите во Белград ќе се одржат на 2 јуни

Повторени локални избори во Белград ќе се одржат на 2 јуни, најави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ, по обвинувањата за измама на изборите одржани во декември 2023 година.

„Изборите во Белград ќе се одржат на 2 јуни, додека сите други избори ќе бидат во согласност со законските и уставните рокови“, рече Вучиќ на прес-конференцијата.

Српската напредна партија (СНС) на претседателот Вучиќ прогласи победа на парламентарните и локалните избори во Србија во декември 2023 година.

Но, опозицијата и меѓународните набљудувачи ги осудија изборите обележани со измама, вклучително и „купување гласови“ и „вишок гласачки ливчиња“, особено во Белград.

По изборите беа одржани бројни протести, а опозицијата ја обвини власта, меѓу другото, дека организирала луѓе од соседна Босна и Херцеговина да гласаат за да обезбеди контрола во главниот град.