Талат Џафери – претседателот на Собранието за утре во 15 часот ја закажа 67. седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за акцизи.
Од Владата соопштија дека измените и дополнувањата треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.
Овие закони се однесуваат на повеќе мерки како што е мерката за намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 отсто.
Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца.
Мерките за намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси се исто така опфатени, како и мерката за намалување на акцизата согласно берзанските цени. Со овие закони ќе се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата.
Владата и премиерот Ковачевски упатија апел до пратениците веднаш да ги усвојат законските измени и дополнувања, за да се обезбеди брза имплементација на вчера донесените мерки за заштита на животен стандард и ликвидност на компаниите.