Панчевски: Висока цена на струјата – мал буџет за субвенционирање на домаќинствата

Побарувачката на струја на европските берзи не се намалува и нејзината цена останува висока на слободниот пазар на енергенси.

Македонија важи за нето увозник на електрична енергија, но веќе не е во прашање нејзиното поскапувањето, туку како ќе се ублажи.

Состојбата се комплицира и поради недостигот на јаглен и нафта за РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино и нивното се уште бавно вклучување за домашно производство, што може да го ублажи скапиот увоз.

Енергетскиот аналитичар Игор Панчевски за Трилинг.мк предупредува дека зимата ќе има важна улога во побарувачката на енергија, а со тоа и на цената. Доколку таа е поблага, моите очекувања се дека покачувањето на цената ќе биде меѓу 10 и 15%, но доколку имаме зима со многу ниски температури, покачувањата можат да бидат и повисоки.

При претходното покачување на ел. енергија од 12,3%, Владата одлучи да ја намали ДДВ стапката од 18 на 5% и оваа мерка е веќе искористена, а маневрите се стеснуваат и за буџетско субвенционирање за домаќинствата, особено за социјално ранливите категории на население.

Повеќето европски земји веќе го доживуваат ценовниот шок и го амортизираат преку финансиски ваучери за помош на социјално загрозените домаќинставата, намалување на даноците за стопанството и други локални финансиски мерки. Европската комисија веќе издаде насоки и сет на алатки до нејзините земји членки.

Сепак и после зимата во текот на 2022 не се очекува дека цените ќе се вратат на пред-пандемиско ниво. Зголемениот удел на обновливите извори исто така ќе има удел во покачувањето на електричната енергија бидејќи и тие ја диктираат цената на пазарот на струја.

Стравот од покачување на електричната енергија доведе до зголемена побарувачка на огревното дрво и другите енергенси. Дрвото има малопродажна цена што е за околу 20% повисока од претходната година. Се додека не се стабилизира цената на ел. енергија и побарувачката на другите енергенси исто така ќе расте.

Енергетската кризна состојба во Македонија се воведе заради драстично намаленото производство на електрична енергија, испадите на РЕК Битола, и загрозувања на сигурноста во снабдувањето. После воведувањето на кризната состојба, државата формира Комисија со членови/претставници од сите енергетските компании (производство, дистрибуција, пренос), регулатораната комисија и министерството за економија (сектор енергетика) (производство, дистрибуција, пренос).

Во согласност со Уредбата сите овие учесници треба да донесат планови за постапување во кризна состојба кои би се имплементирале во зависност од степенот на недостиг на електрична енергија.

Има 5 степени дефинирани кои предвидуваат мерки за ограничувања. Она што во вакви ситуации се прави, е обезбедување на ел. енергија до сите клучни институции и компании. Во случај на рестрикции, исклучок се:  здравствениот сектор, објекти на водовод и канализација, системите за далечинско греење, детски градинки, јавни кујни, полиција, противпожарни објекти, транспортен сектор и сл.

Во овој момент е битно да се направи и објави планот за управување со дефицитот на струја, како и брз рестарт на замрзнатите потенцијали и предвидените мерки за ограничувања за секој степен на реакција при недостиг на електрична енергија.