Независниот синдикат на здравствените работници, административен технички персонал и технички персонал најавија дека во текот на наредниите недели ќе излезат на протести доколку не дојде до усогласување на минималната плата.
За тоа на кој начин ќе се одвиваат протестите националниот координатор на Независниот синдикат Боби Бојчевски рече дека дополнително ќе информираат, но како што рече има три варијанти.
„Првата е протест за време на паузите, втората е затворање на јавните здравствени установи од 11 до 14 часот, а третата опција е генерален штрајк во здравството. Што ќе одлучиме во текот на овие недели навреме ќе известиме“ – рече Бојчевски на денешната прес-конференција.
Од Независниот синдикат рекоа дека не треба да се игра со чувствата на вработените во здравството и уште еднаш да бидат изманипулирани.
Оттаму рекоа дека бараат правилно и законски да се исплати платата согласно со Законот за минимална плата. Во преодните и завршни одредби во Законот за минимална плата, како што рече Бојчевски, е наведено дека колективните договори треба да се усогласат во рок од шест месеци. Од причина што колективниот договор за здравствена дејност не е усогласен со законот за минимална плата, освен за работните места со најнизок степен на сложеност, бараме, рече тој, како основа за пресметка на платата на здравствените работници, да биде минималната плата, помножена со коефициентот на работното место. Ова наше барање, рече Бојчевски, е основано и во согласност со Законот за минимална плата.
„Кога новиот министер дојде на функција рече дека нема даима покачување на платите на вработените во здравствениот сектор. Од друга страна, пак заменик-министерската за здравство рече дека со мартовската плата ќе дојде до линеарно покачување од 2 315 денари на платите на вработените во здравствениот сектор. Доаѓа до различни информации од двете страни“ – рече Бојчевски.
Овој проблем, според Бојчевски е настанат поради тоа што репрезентативните синдикати што се во здравството не го потпишале, не го усогласиле колективниот договор во здравствената дејност со Законот за минимална плата.
„Ако било тоа потпишано, договорено, усогласено, според тој Закон на секои шест месеци се прави ревидирање на колективниот договор. Но, колективните договори во здравствената дејност немаат потпишано со Законот за минимална плата. Грешката е во репрезентативниот синдикат на здравството и грешката е во министерот“ – додаде Бојчевски.
На прес-конференцијата беше кажано и дека може да се донесе одлука не само за генерален штрајк туку за бојкот што е многу потешко.
„Да се затворат сите здравствени установи, па да видиме во оваа епидемија со голема кашлица кој ќе ги лечи. Што мислат до кога ќе можеме овој срам да го трпиме што ни го наметнаа тие. Без плата и без ништо кој може оваа работа да ја издржи. Дали се свесни дека не водат до тоа да размислуваме да ставиме клуч на болниците. Ако имаат намера, и тие другите што ќе дојдат после овие, да работат на ист начин и на ист принцип подобро да не доаѓаат во Влада, нека не ги зафаќаат тие столици“ – рекоа учесниците на прес-конференцијата.