Јазиците се важни, тие не се само средство за комуникација, туку и интегрална компонента на индентитетот на секој поединец и нација, начин на зближување на различностите, толеранција и меѓусебно прифаќање. Нашиот мајчин јазик, македонскиот јазик е реалност во светската ризница на јазици, низ науката, културата и образованието, заштитен, недопирлив, единствен.
Ова го истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прославата на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик што се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. Таа подвлече дека со Институтот се добри партнери при тоа потенцирајќи го значењето на Законот за употреба на македонскиот јазик.
-Со Институтот сме навистина многу добри партнери во многубројни проекти не само во однос на дигитализацијата на картотеките, туку и во еден од подолгите процеси и позначајните, а тоа е донесувањето на новиот закон за употреба на македонскиот јазик којшто без максималната вклученост на членовите на Советот за македонски јазик, како и на сите вработени тука во овој Институтот немаше да стане реалност. Што значи дека се движиме во правилна насока во однос на заштита на македонскиот јазик, меѓутоа и промоција на сите јазици коишто се зборуваат на територијата на нашата држава, нагласи во изјавата за медиуми Костадиновска – Стојчевска честитајќи го Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Таа нагласи дека заедно со директорката на Институтот и со сите членови работат заедно на унапредување на правата не само на говорителите на македонскиот јазик, туку и на сите други јазици кои се говорат, но и на изданија кои се финансираат преку Министерство за култура токму од оваа област.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, истакна дека Институтот како најголем промотор и овластен за заштита на македонскиот јазик, годинава со гордост одбележува 150 години од раѓањето на патронот Крсте Петков Мисирков (18.11.1874г.) и прв неформален кодификатор на македонскиот јазик, како и 80 години од Првото заседание на АСНОМ(2.08.1944) на кое е конституирана македонската држава, а македонскиот е заведен како службен јазик во неа.
-Македонците по многу вековна борба, се изборија за признавање на мајчиниот македонски јазик. Затоа ние ја почитуваме желбата на нашите сограѓани, но и на сите луѓе во светот да зборуваат на својот мајчин јазик, рече Јованова Грујовска.
Прашана дали можеме да кажеме дека на завидно ниво го владееме мајчиниот јазик имајќи ја предвид преводната култура, квалитетот на преводите кај нас, таа ќе посочи дека токму на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик точно секој од нас треба да се запраша кое ни е нивото на познавање на мајчиниот јазик.
-Институтот за македонски јазик се грижи и единствен овластен субјект за заштита на македонскиот јазик, меѓутоа и го проучува на сите рамништа, го штити и го промовира. Секогаш има потреба за уште нешто. Независно од тоа што имаме исклучително добра продукција на книги, на изданија секоја година, кај нас станува збор пред се за научни изданија, секогаш можеме да кажеме дека може уште и дека и следнава година конкретно сега 2024 година ќе објавиме барем 10-ина научни трудови што се поврзани со македонскиот јазик, нагласи Јованова-Грујовска.
Таа подвлече дека за да си го знаеме и за да си го почитуваме мајчиниот јазик треба да ги знаеме и луѓето околу нас што живеат.
-Затоа, Институтот за македонски јазик последниве години на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик ги отвора своите врати за сите зборувачи на различни јазици што живеат кај нас и на тој начин покажуваме почит, но покажуваме и желба за запознавање на различностите затоа што ние меѓу себе ќе се почитуваме и ќе се сакаме само доколку ги почитуваме различностите и ги прифатиме различностите. На овој начин всушност гледаме како другите си го почитуваат својот јазик и тука доаѓаме до преводливоста. Зошто? Затоа што многу автори коишто творат на турски јазик не само кај нас туку и во Турција се преведуваат овде на македонски јазик. Е, тука се гледа нашето ниво на познавање на јазикот, на познавање на културата, конкретно сега по примерот на турскиот. Меѓутоа, значи, на оној јазик што го преведуваме на македонскиот или од македонски на друг јазик за да прошета по светот нашата литература и нашиот културен код, да биде достапен за луѓето во светот, вели директорката на Институтот заблагодарувајќи се при тоа и на Министерството за култура за сета поддршка што им ја дава во издавачката дејност, но и на МОН кое овозможува и други услови што им се потребни.