Деспотовски: Финансиската поддршка за инвестиција на Митилинеос е во согласност со регулативата
Договорот за закуп на капацитет за производство на струја по ниту еден основ не може да се смета за државна помош. Државна помош е кога државата дава добро или услуга на приватен субјект по цени што се пониски од пазарните. Кај проектот на Митилинеос имаме целосно обратна ситуација. Државата преку ЕСМ добива електрична и топлинска енергија по цени кои се пониски од пазарната. И не може за струја што ја купуваме во странство да зборуваме дека е поевтина од домашната. Само заради трошокот за да стигне до Македонија преку трети земји увезената струја станува барем 10 – 15% поскапа. Тоа се милиони евра што сега годишно завршуваат во буџети на други држави, наместо да останат кај нас.
За парите што стратешкиот инвеститор Митилинеос ќе ги добие од државата, а тоа се 17% од вкупната инвестиција или околу 50 милиони евра во државниот Буџет ќе се влеат најмалку 120 – 150 милиони евра само по основ на данок на добивка. Значи, за секое вложено евро, државата односно граѓаните ќе добијат 2,5 до 3 евра назад. Згора на се, позитивните ефекти за граѓаните и економијата од заштедите на трошоци за ЦО2 квотите, а посебно придонесот за намалување на загадувањето на воздухот, посебно во Скопје се огромни.
Сакам да потсетам дека и за доделувањето на овој договор за државна помош, чија подготовка ќе следи по усвојување на законот за страшка инветиција во Собрание, ќе побараме не само согласност од Комисијата за заштита на конкуренцијата, што е предвидено со нашата регулатива, туку и од Енергетската заедница во Виена.
Целосно сме отворени за секоја дилема, сите предлози и сугестии. Ваков модел на договори се современа пракса во ЕУ и навистина не гледам причина зошто Македонија да не ги искористи во обезбедување на сопствената енергетска независност, се наведува во соопштението на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.