Закон за изменување и дополнување на законот за патните исправи и законот за безбедност во сообраќајот се подготвени од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и истите ќе бидат итно доставени до Влада, како единствено решение на моменталната криза во која се доведени граѓаните на Република Македонија кои заклучно со 13.02.2024 година ќе останат заробени во државата, вели министерот.
„Има решение на проблемот и тоа е многу едноставно. Ако има политичка волја за еден ден ќе ги решат маките на луѓето. Имаме Предлог на закон за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, еве го спремен е готов е и еве го другиот. Овој дури сум го потпишал. Предлог на закон за изменување на закон безбедност на сообраќајот на патиштата. За еден ден решение има, само треба да сакаат да имаат политичка волја. И немојте да ја залажуваат јавноста дека ќе сме прекршеле договор. По нивната логика, докторска а не правничка, договорот е веќе прекршен. Но ние не го прекршуваме договорот во предлог измените. Овде велиме „во рамки на технички функционални и возможни, објективни услови кои што ги имаме да го усогласиме истиот согласно возможното и реалното“, вели министерот Панче Тошковски.
Она што Тошковски го предлага и за што бара политичка волја од сите политички субјекти во Владата, вели дека е согласно сите меѓународни акти коишто гарантираат основни човекови права, а веќе се донесени неколку одлуки од Стразбур за кршење на основните човекови права од страна на државата. За што ќе мора да исплаќа и оштетно побарување.
„Со тоа што ние ќе забраниме излез на македонските граѓани и ќе ги претвориме на територија од 26.000 километри квадратни кршиме Европска конвенција за човекови права, меѓународен пакт, кршиме Универзална декларација за човекови права, го кршиме нашиот Устав, кршиме веќе донесени пресуди од Стразбур. Имаме еден случај против Македонија каде што согласно протокол број 4, член 2 е нарушено правото на слобода на напуштање на државата, слобода на движење. Веќе има такви правосилни пресуди. Го кршиме основното човеково право. Оваа држава ќе треба да плати огромни суми на пари на секој еден граѓанин на кој ќе му оневозможи да ја напушти државата а има валидна лична карта со датум на важење“, дополнува Тошковски.