Вознемирувачки настан се случи во центарот на Скопје, кога 15 годишна средношколка е брутално претепана од две врснички. Во видеото од тепачката што го објави Слободен печат, на почетокот се гледа како три девојки разговараат, а четвртата стои покрај нив.
Потоа почнува вербална расправија со пцовки и погрдни зборови, за по неколку моменти да премине во физички напад со жестоки удари и влечење за коса. Додека трае тепачката наоколу дел од соучениците навиваат и снимаат со мобилни телефони, а едно момче ја извлекува девојката од толпата.
Настанот, според Слободен печат е пријавен во полиција, а девојката после тепачката се здобила со повреди на главата и телото и колабирала пред училишната зграда.
Овие брутални тепачки меѓу учениците не се изолирани случаи, врсничкото насилство е секојдневна појава, не само во училиштата туку и надвор од нив, велат училишните психолози. Се поизразен е и сајбер булингот, а психолозите апелираат, секој вид на насилство да се пријавува.
Секој може да биде жртви на насилство. Она што е важно навреме да се детектира, да се реагира доколку забележиме случај на врсничко насилство, да се интервенира да не се минимизараат последиците и навремено да се даде психолошка поддршка на жртвите од врсничко насилство, вели во изјава по телефон, психологот Марија Младеновска – Димитровска.
Насилниците најчесто се деца од дисфункционални семејства или семејства каде насилството се користи како начин на воспитување.
Често пати насилниците и сами доживувале насилство и подоцна тоа го манифестираат врз други лица кои ги избираат за жртви на кои ја изразуваат својата акумулирана агресија, бес и гнев кои не можеле да ги изразат врз оние личности врз кои што требало. Затоа треба психолошка помош и на самите насилници, вели психологот Младеновска- Димитровска.
Но, според Младеновска Димитровска исклулително значаен фактор при врсничкото насилство, е и публиката, која наместо да навива и да се потсмева, може да го спречи насилството
Таа публика може да е навивачка и пасивна и да не презема ништо, со што и таа е дел од тријаголникот на насилство. Често пати апелираме и на таа трета страна, публиката која е важна за превенција на насилството, вели Младеновска- Димитровска.
Училишните психолози велат дека во училиштата се организираат предавања, работилници и проекти за едукација и подигање на свеста и превенција на насилството, во кои се вклучени, наставниците, учениците, но родителите, но сепак борбата со врсничкото насилство е тежок и долготраен процес.