(Видео) Фити: Имаме мали капитални инвестиции затоа што има слаб капацитет и во централната и во локалната власт

„Октомвриските прогнози на експертите на ММФ велат дека во 2022 година светскиот економски раст бил 3,5%, 2023 ќе се намали на 3, а сега велат дека ќе биде 2,9%, па и подолу. За мене не е проблем што овие години ќе има слаб светски економски раст, проблем е што постои долгорочна тенденција, намалување на стапките на економски раст“ вели во најновото издание на Трилинг академик Таки Фити, поранешен професор на Економскиот факултет во Скопје и екс претседател на МАНУ.

Академик Фити смета дека „Германија е нашиот најголем трговски партнер. Се проценува дека Германија ќе ја заврши 2023 со негативна стапка од -0,3. Успеа технички да избегне рецесија, фактички има стагнација. Нашите пласмани на тој пазар ќе се намалат. Лоша е состојбата во цела ЕУ“.

„Развојната политика е значајна тема во макроекономија, државата треба да формира добра бизнис клима. Популистичка политика, има елементи во нашата практика, но развојот зависи од внатрешни услови. Само Косово и Албанија имаат помали буџети од Македонија. Посебно прашање е што се случува во изборни години, посебно во земји со кревка демократија како Македонија. Кога доаѓаат избори сите зборуваат за политика, а забораваат на економија. Исчекувањето често значи одлагање на инвестициите“ вели Таки Фити.

Тој вели дека кај нас „јавниот долг расте, верувам дека 61-62% ќе биде сега. Стапките на економски раст полека со тек на време ќе дојдат 4,5/4,6% во просек до 2040 година. Со такви стапки на раст немаме проблем. Не се сложувам дека задолженоста на Македонија е умерена“.

„Ковид кризата го предизвика најголемиот пад на БДП во последните 100 години во светски рамки, имаше пад од 15-16%, кај нас беше 14-15%. Во таа ситуација нормално е стапките на сиромаштија да растат. Се смета дека вкупните испорачани еконoмски пакети, само во 2022 година чинат 2,8% од БДП на Македонија, тоа не е малку. Друго е прашање колку беа ефикасни мерките“ вели академик Фити.

На прашање како идната влада, која и да е, ќе го започне и ќе го реализира проектот за изградбата на двата коридори, како ќе се реализираат капиталните инвестиции кои ни се слабост последните години, Фити вели „имаме мали капитални инвестиции, моите анализи се дека како учество во БДП сме двапати пониски. Уште поголем проблем е слабата реализација, имаме слаб капацитет на министерствата, но и на централната и на локалната самоуправа“.

„Не можеме крупни инвестициски објекти да финансираме само со буџетски средства, мора да се потпреме од јавното приватно партнерство. Финансирањето го презема приватниот партнер. Треба добро да се проучат договорите, јасно да се разграничат интересот на приватниот партнер и државата. Кај нас како се сменуваат владите, се менуваат и експертите“ вели Фити.

Академикот е дециден дека „долгорочно најсилно влијание врз динамиката на економскиот раст ќе има владеење на право, борба против корупција. Корупцијата не значи само крадење и слевање пари во приватен џеб. Значи и давање мито. Тоа ги поскапува инвестициите, ги обесхрабрува големите силни фирми да влезат во Македонија, за да си го зачуваат реномето“.

„Младите велат не можам јас овде да се вработам ако немам партиска книшка, ако не дадам мито. За мене основно е реформи во судски систем, и ако со тек на време се елиминира неказнивоста, може да направиме нешто во корупцијата. Да се зајакнат судските инвестиции, многу е битно да се зајакне Судскиот совет, работи група за реформа на правниот систем, сите препораки ќе бидат инкорпорирани. На многу елити во земјата не им одговара казнивост, проблемот е врзан и со политичките партии“ вели Фити.

На прашање што треба да е приоритет на идната македонска Влада, тој вели „битно е да се надмине проблемот со Бугарите во Уставот и да ги отвориме де факто преговорите со ЕУ. Придобивките од ЕУ ќе се многу големи. Еден од основните приоритети се добра регулација на економијата, која влада да дојде тоа е исклучително важно, на долг рок“.