Кој е Панче Тошковски – новиот предлог министер за внатрешни работи?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го предложи адвокатот Панче Тошковски за министер во техничката влада која треба да се избере до недела на полноќ. „Трилинг“ прв ја обелодени оваа вест.

Тој ќе дојде на местото на Оливер Спасовски од владејачката СДСМ:

Според неговата биографија Тошковски е магистер по кривично право и криминологија на Правниот факултет “Јустинијан Први“ во Скопје.
Има положено правосуден и адвокатски испит, а работи како адвокат во граѓански, имотно-правни, трговски, кривични и управни спорови пред домашни и меѓународни судови.

Политичка кариера

Во период од 2008 до 2011 година работел како советник во Министерството за транспорт и врски, во Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во сопственост на државата Скопје, а бил и член во неколку комисии и работни тела.

Тошковски е претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ.

„Адвокат на партијата“

Како адвокат тој беше бранител на неколку обвинети функционери и членови на партијата во случаите кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство.

Пред судовите застапуваше и други членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ во други случаи.

Тој даваше адвокатски и советодавни услуги и на поранешното државно акционерско друштво Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), сега Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), додека таму директот беше лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.