И Вселенската патријаршија е против планот на грчката влада да ги легализира истополовите бракови

Грчката влада од десниот центар го забрзува планот за легализација на истополовите бракови и покрај растечкото противење на моќната православна црква која не е одвоена од државата.

Владини функционери кажаа дека предлог законот за тоа ќе биде ставен на гласање до средината на февруари, половина месец порано од претходно планираното. Ако законот биде усвоен, Грција би станала првата земја со православно мнозинство која би ги легализирала истополовите бракови.

Вселенската патријаршија во Истанбул, предводничката на православните цркви низ светот, изрази противење на предлогот за истополови бракови.

„Бракот е заедница на мажот и жената под Христос, и Црквата не прифаќа кохабитација на нејзините припадници во кој било друг облик освен брак“, соопшти Вселенската патријаршија.

Таа со ова ја повтори одлуката на високите црковни лидери на Грчката православна црква објавена вчера.

Митрополитот епископ Пантелејмон, портпаролот на Светиот синод на Грчката православна црква, кажа дека нејзините пишани приговори ќе им бидат испратени на сите пратеници на грчкиот парламент и прочитани на неделните богослужби низ земјата на 4 февруари.

„Она што Црквата го кажува е дека бракот е заедница на мажот и жената и дека тоа е изворот на животот“, кажа тој. „Старешините на нашата црква се загрижени за одбраната и поддршката на семејството“.

Конзервативниот премиер Кирјакос Мицотакис кој минатото лето освои убедлива победа на резиборите, веројатно ќе мора да смета на гласовите на опозициските партии за мерката да биде одобрена. Се соочува со несогласување во сопствената владејачка Нова демократија, како и од членови на својот кабинет.

„Разговараме за нешто што е веќе на сила во 36 земји и на пет континенти. И се чини дека никаде тоа не ја нарушило кохезијата на општеството“, кажа денес Мицотакис.

„Сакам да бидам јасен: Мислиме на одлуките кои ги носи државата, а не на верските уверувања… Нашата демократија бара да не може да постојат две класи на граѓани и сигурно не може да бидат деца на понизок бог“.

Неодамнешните истражувања на јавното мислење покажуваат дека Грците се поделени во ставот кон истополовите бракови, додека конзервативните гласачи се јасно против.