Османи: Граѓаните на Северна Македонија се ставени на фундаментален тест на изборите

Политичкиот пејзаж во Северна Македонија никогаш досега не бил толку поларизиран како пред претстојните претседателски и парламентарни избори, создавајќи два кампуси – проевропски и антиевропски фронт, изјави вечерва во Брисел министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на панел-дискусијата на конференцијата „Позадината на дезинформациите: Зајакнување на нашите општества против манипулациите и мешањето на странските информации“, чиј домаќин беше високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

– Првпат нашите граѓани се ставени пред фундаментален тест дали ЕУ листата ќе остане победничка листа на Западниот Балкан на едни избори, истакна Османи.

Според него, во услови кога понудите на политичките партии се разликуваат во нијанси и кога главната разлика е ЕУ или други алтернативи, Унијата треба да застане во одбрана на вредностите кои ги поддржуваат мнозинството од граѓаните на Северна Македонија, а тоа се вредностите на Европската Унија.

– Верувам дека ваквата парадоксална ситуација кога 80 отсто од граѓаните го поддржуваат членството во Европската Унија, ние се уште да се прашуваме дали ЕУ листата ќе биде победничка на изборите е последица на кампањата на дезинформации што доаѓа главно од Русија, истакна Османи, додавајќи дека тоа е резултат на долгорочната кампања чија цел е одвлекување на земјите од Западниот Балкан од стратешките цели.

Според него, Западниот Балкан е посебно подложен на манипулациите и мешањето на странските информации, како „мек стомак“ на ЕУ, кој е политички остров надвор од Унијата со недовршен евроинтеграциски и делумен завршен НАТО-интеграциски процес.

Според него, отворените прашања во регионот, како сепаратистичките тенденции во Република Српска, меѓусебното непризнавање на Косово и Србија и растечката националистичка реторика во Северна Македонија, го прават Западниот Балкан плодна почва за дезинформации и тој како и пред 20 години повторно станува линија на фронтот меѓу Западот и Русија.