Курти: Самоопределување не учествува и не се меша во изборите во Македонија

Косовскиот премиер Албин Курти вчера во Скопје изјави дека обвинувањата против движењето Самоопределување за мешање во изборите во Северна Македонија се неосновани и посочи дека неговата партија не е ниту регистрирана како политички субјект во нашата земја, пренесува „Телеграфи“.

Тој истакна дека движењето Самоопределување нема да учествува на изборите во Северна Македонија.

„Самоопределувањето не е регистрирано во Северна Македонија. Имаме активисти, имаме функционери на нашиот политички субјект во Косово кои доаѓаат од Северна Македонија, но овде немаме формално регистриран центар за Самоопределување, така што ние како движење не учествуваме на изборите овде“, рече Курти.

На прашањето дали албанските политички партии треба да имаат свој кандидат за претседател во Северна Македонија, Курти рече дека за тоа треба да одлучат граѓаните, но и политичките партии во нашата земја.

„Желбата е да има најголемо можно учество на партиите на избори, бидејќи тоа придонесува за демократијата. Знаеме дека последниот попис на населението, вклучително и иселениците, покажа дека Албанците се со процент од 29 отсто и ако не се лажам тие, се разбира, сами треба да решат дали меѓу нив ќе има кандидат и кој ќе биде“, рече Курти.

Според Изборниот законик, за формално да учествува во изборниот процес – не како поддршка туку да биде и организатор на кампањата, една партија треба да биде регистрирана во земјава.