За еколошка катастрофа предупредува и вели дека спречила градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на територијата на Општина Ѓорче Птеров, каде според институциите кои го истражувале случајот, на приватна парцела се фрлал различен отпад и се прикривал со земја. За да биде уште потрагично, оваа локација е во близина на пречистителната станица која ја гради општината со европски пари, а се наоѓа во прва заштитена зона. Арсовска вели дека според надлежните, отпад таму фрлала и општината, а сето тоа уредно се наплаќало.
– Пред два дена заедно со инспекторите за животна средина на Град Скопје спречивме уште еден екоцид кој се случувал на територија на општина Ѓорче Петров. Имено, се работи за детектирана еколошка катастрофа која во општина Ѓорче Петров се случувала на парцела од 4.000 метри квадратни приватен имот и околу 5.000 метри квадратни имот на Република Македонија во непосредна близина на реката Лепенец на локација оддалечена неколку стотина метри од новата пречистителна станица која ја гради општина Ѓорче Петров а е финансирана од Европската Унија – рече Арсовска на прес-конференција.
Таа појасни дека приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија која веќе е под истрага за други дела, како и на лице кое е вработено во општина Ѓорче Петров во секторот за финансии, а од неодамна е избран и за претседател на Синдикатот на вработените во општината.
– Градот Скопје, ниту јас како градоначалник нема да дозволам било кој да продолжи свесно и за профит да ги труе скопјани. Случајот заедно со инспекторите за животна средина на Град Скопје го детектиравме, а по неколкудневно следење на активностите на приватната дива депонија, завчера на 16.01 и во тек на вршење на екоцидот ги фативме на лице место и спречени се во вршење на нелегалните активности, извршен е увид на парцелата, прибирани се докази за сторениот екоцид, фотографирана е состојбата, а прибрани се и други докази.
Случајот е пријавен во МВР, а на лице место излегле и полициски службеници.
– Од прибраните докази констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица кои не само што предизвикале еко катастрофа со истурање отпад во заштитена зона Лепенец туку се и осомничени за сторен финансиски криминал, а, она што можеби е најтрагично во целата ситуација е прашањето дали најголем клиент на овие лица кои вршеле екоцид била токму општината Ѓорче Петров? – додаде Арсовска.