
Присуството на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, на синоќешниот собир на партијата Нова алтернатива, на кој за нов партиски лидер беше избрана скопската градоначалничка Данела Арсовска, не значи дека ќе има коалиција или некаква соработка меѓу двете партии, едноставно тоа е дел од политичката култура.
Ова денеска го изјави министерката за одбарана Славјанка Петровска, прашана како го коментира присуството на генералниот секретар на СДСМ на настанот на кој Арсовска беше именувана за претседател на Нова алтернатива.
„Тоа е одлука на партијата. Ако партијата добила покана мислам дека кој било претставник на партијата треба да удостои формирање на политичка партија доколку принципите на формирањето на таа партија се демократски и она што сите ние го споделуваме – европските вредности за државата, напредокот на државата. Присуството на основање на партија не значи по дефиниција веднаш дека ќе се направи коалиција или дека ќе има некаква соработка, едноставно тоа е дел од политичката култура во партиите во Македонија“ изјави Петровска.
На прашањето дали СДСМ стравува од одлив на гласови на претстојните избори со оглед на тоа што Арсовка најави дека Нова алтернатива ќе излезе од коалицијата со владејачката партија, Петровска не одговори конкретно.
„Мислам дека во периодот кој претстои, особено во изборната кампања и за претседателските и за парламентарните избори, ќе имаме доволно простор да соопштиме и уште еднаш да потсетиме што во изминатиов период беше направено она што е интересно и важно за граѓаните, но уште поважно е да понудиме концепт и програма за тоа како ќе настапиме и на изборите и што ќе правиме и во идната влада“додаде Петровска.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска е избрана за нова претседателка на партијата Нова алтернатива. Собирот за промоција на неа како нов лидер на партијата се одржа вчера во Скопје, а на настанот, меѓу останатите, беше присутен и генералниот секретар на владејачкиот СДСМ, Миле Зечевиќ.