
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска апелираше до граѓаните кои сè уште ги немаат сменето личните документи, особено пасошите кои се за надворешна употреба, да се обидат да го сторат тоа до 12 февруари, односно до крајниот рок за промена на документите предвиден соглсно Преспанскиот дооговор.
„Дајте да се организираме до 12 февруари да завршиме колку можеме повеќе. Потоа на 13 февруари ќе мислиме што останало како проблем и како тоа да го регулираме со грчката страна. Сметам дека е некоректно сега да им испратиме порака на граѓаните ‘седете сега вие без грижа затоа што ние ќе средиме’ и после да кажаме дека не сме успеале“, изјави министерот Бујар Османи на денешната прес-конференција.
Министерот вели оти грчките власти имаат целосно разбирање за техничките аспекти во процесот на издавање на новите лични документи и проблемите со кои се соочуваат граѓаните во земјава во тој поглед, но дека обврските кои се преземени со меѓународниот договор и натаму остануваат.
„Грчката страна треба да ја информира ЕУ дека стапува во сила рокот, а после тоа сите држави кои ќе ја примат таа информација од страна на Грција ќе почнат да ја почитуваат“, додаде Османи.
Во оваа насока, министерот вели дека ниту со претставката до Уставниот суд ниту, пак, со законски измени нема да може да се сменат одредбите од Преспанскиот договор од кои произлегува обврската за промена на документите.
ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе до Уставен претставките за законите поврзани со промена на личните документи
„Мислам дека наместо да се концентрираме на давање на лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор, кој е меѓународен ратификуван договор, дека ќе го смениме Законот за спроведување на уставните амандмани, треба да работиме граѓаните да немаат пречки после 13 февруари. Да се забрза издавањето на пасоши, да почнат налепниците да се лепат на регистарските таблички. Мислам дека ова е поздраво – да им се каже на граѓаните дека ова е обврска која се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да ги средиме документите на граѓаните“, изјави Османи.
Министерот додаде дека е договорено македонската и грчката страна да бидат во секојдневна комуникација за граѓаните да не се соочат со проблеми после 12 февруари. Вели оти МНР ќе направи сè што е во негова моќ за да не се остават, како што вели, нетретирани предизвици после 13 февруари.