Надзорниот одбор на М-НАВ денеска на седница ќе го бира новото раководство

Надзорниот одбор на М-НАВ денеска на седница ќе постапи по насоките што ги доби од Владата на 9 јануари, а по упадот во институцијата на почетокот на месецов. На седницата закажана за 13:30 часот треба да бидат разрешени претседателот на Управниот одбор – Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор – Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именуваат Хекуран Асани и Милан Кораќ.

По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.

Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калики и Димитар Џеков.

Кандидатот за нов извршен директор Хекуран Асани е вработен во „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање.

Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI).

Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.

Милан Кораќ на позицијата извршен директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во „М-НАВ“. Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.