Надзорот во М-НАВ ќе биде најпрофесионално извршен, тврдат од Државниот трудов инспекторат

Трудовите инспектори најпрофесионално ќе си ја завршат работата, ќе ги утврдат сите факти и докази за да не се појават понатамошни шпекулации во јавноста, информираше Весна Томовска, директорка на Државниот трудов инспекторат, по денешниот брифинг со новинарите.

Таа откри дека ова е првпат инспекторите да влезат во оваа институција, што значи дека во претходните години не бил вршен инспекциски надзор во М-НАВ. И со оглед на тоа што и финансиската полиција изврши надзор во М-НАВ, најверојатно ќе треба да се координираат, за да се одлучи дали надзорот ќе се прошири или ќе остане, и кој од двата органи ќе ги врши и дополнителните инспекциски надзори.

Инаку, надзорот во М-НАВ се прави согласно владина одлука, а бидејќи станува збор за пообемен надзор, најмал временски период во којшто може да се изготви записникот е една недела. Во моментот се земени 21 досиеја на вработените, а е извршен и разговор и со претседателот на Синдикатот на котролата на летање, Александар Тасевски.

-Надзорот во М-НАВ е направен согласно одлуката на Влада. И да, во претходните години немаме извршено инспекциски надзор. Меѓутоа, без разлика дали ќе имаше ваква одлука Инспекторатот постапува и по допрен глас во услови кога има одредени неправилности коишто укажуваат во делот на правата од работен однос, рече Томовска.

Прашана дали ќе се прошири надзорот во М-НАВ со оглед на обвинувањата дека таму се вработени роднини на одредени функционери, Томовска посочи кога станува збор за вработен, нерелевантно е чиј роднина е. Надзорот, како што рече, се спроведува на начин и постапка согласно законот. Таа прецизираше дека Инспекторатот не врши истрага, туку инспекциски надзор, а за истрага е задолжен друг орган.

– Кога станува збор за вработен, за нас е неважно е чиј роднина е. За нас сите се вработени. Така што, доколку постои повреда на право од работен однос или незаконска постапка на вработување, во тој случај за нас важен е поимот вработен и работник. Дали е тој роднина на кој било, за нас е ирелевантно. Значи, надзорот ќе се спроведе на начин и постапка согласно закон. Инспекторатот не врши истрага. Инспекторатот спроведува инспекциски надзор. За истрага е задолжен друг орган – додаде Томовска.

На прашањето кога се очекува да биде готов записникот од инспекцискиот надзор, Томовска посочи дека за еден ваков пообемен надзор најмал временски период во којшто може да се изготви записникот е една недела.