Лукаревска: Не им помина шемата за кражба на државата, УЈП фати фирми кои пробаа да испумпаат пари

Три компании пробале да испумпуваат пари од УЈП со фиктивни фактури. Се регистрирале дека извршуваат дејност продажба на нафтени деревати, а немале ниту лиценци, ниту вработени.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска на брифинг со новинарите кажа дека буџетот не е оштетен бидејќи не е одобрена исплата на ДДВ-то, а обидите за од државата да се одземат 160.117.122 денари биле неуспешни. Кога почнале контролите од УЈП, почнале и промените на сопственичките структури на трите фирми.

Како што влегувале инспекторите, така македонските државјани, фирмите ги префрлиле на хрватски и косовски државјани. Дека помеѓу сите три фирми имало поврзаност, покажува фактот што фирма која злоупотребувала податоци од добавувач и злоупотребениот добавувач имале исто сметководствено било.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска во последното издание на Трилинг ја најави големата афера за нафтените компании и нивните криминални активности и даночна евазија на некои од правните субјекти.

Прв случај:

Фирмата била со основна дејност трговија со нафтени деривати. Обидот бил да се оштети буџетот со ДДВ од 79.350.190. Оваа фирма со контролите на УЈП почнала да менува и адреса. На старата адреса каде фирмата била регистрирана имало стара семејна куќа, а на новата адреса има трговски центар.

„Пријавени адреси се фиктивни“, кажа Лукаревска.

Освен адреса, оваа фирма променила и сопственик.

„Извршена е промената на сопственичка структура и како нов сопственик се јавува државјанка на Хрватска. Пгреносот била извршена без надомест со сите побарувања и обврски и салдо на залихи во милионски износи“, кажа Лукаревска.

Книговодствените траги се избришани.

„Сите книговодствени евиденции, во сметководственото биро, се избришани. А претходниот сопственик ги подигнал сите документи од сметководителот и избегал. На контролата не и е доставена никаква деловна документација. За обавување на дејноста, правното лице нема лиценца за обавување на дејност, нема бензинска пумпа, ниту складишен простор за чување на нафтата. Даночниот обврзник издавал и примал фиктивни фактури. Како од правни лица кои се ДДВ обврзници така и од правни лица кои не се ДДВ обврзници“, кажа Лукаревска.

Проверки имало и кај добавувачите.

„Издадени се фиктивни деловни фактури кон обврзник 1, издадени се фиктивни влезни фактури кон обврзник 1 и воопшто нема деловно должнички односи. Контролата утврди дека даночниот обврзник број еден има евидентирано залихи, а нема бензинска пумпа, ниту бензинска пумпа“, додава таа.

Втор случај:

И во овој случај, фирмата се пријавила дека работи со нафтени деривати, а немала ниту лиценца, ниту складиште

„Даночниот обврзник помалку пресметал ДДВ, во вредност од 26.090.205 денари. Извршна е контрола. Врз основа на договор за пренос на удел во 2023 година извршена е промена на основачка структура, а како нов сопственик е државјанин на Косово. Престанал да ја обавува својата дејност и продолжува со трговија на нафтени деривати“, кажа Лукаревска на брифингот.

Таа додава дека фирмата имала сметководствени залихи на нафтени деривати, а немала ниту складите.

„Нема лиценца, нема складиште, нема бензиска пумпа, не исполнува услови за обавување на оваа дејност. Од извршената контрола кај даночниот обврзник број два, истиот во контролираниот период искажал набавка на нафта преку 80 фактури во милионски износи, од двајца добавувачи. Факторите не се книжени во сметководство кај добавувачите, ниту пак, ги искажале фактурите за ДДВ. Констатираната обврска покажува дека нема деловно-должнично доверителски односи, влезните фактури кај даночниот обврзник од добавувачите не се книжени како излезни фактури. Сметководствено тој има залихи, а нема складишен простор ниту нафтени деривати“, додаде Лукаревска.

Трет случај:

Оваа фирма има ист сопственик како и на фирмата. Преку неа, лицето, македонски државјанин се обидел да испумпа 54.676.727 денари.

„Основано е на крајот од 2022 година, во 2023 година е извршено промена на седиште, како и сопственичка структура. Како нов основач и сопственик, се јавува државјанин на Косово. Нема лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати, нема складиште“, вели Лукаревска.

Проверувани се и добавувачите, со чии фактури, имало обид да се испумпаат државни пари.

„Кај добавувач е констатирано дека нема деловно-доверителски-должнички односи. Во 2023 година е извршена набавка на нафтени деривати во милионскли износи. Само една фактура има кај добавувачот која е пониска за 43 пати. Други фактури нема“, вели Лукаревска.

Инспекторите укажале на добавувачите дека им биле злоупотребени податоците како што се име на фирма, лого, адреса – а тие наместо реакција, се насмеале на инспекторите

„Истите тие само ни се насмеаа“, рече Лукаревска.