„Новата влада што ќе биде избрана после изборите во мај, која и да е таа, како и новиот состав на парламентот, треба да се поригорозни за да се спроведат препораките на Оценската мисија на Европската Унија (ЕУ) за работата на Судскиот совет“.
Ова во интервју за државната МИА го изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, коментирајќи ги состојбите во Судскиот совет и препораките ова тело во декември минатата година ги доби од Оценската мисија на ЕУ.
Вкупниот број на препораки што ЕУ ги издаде за работата на Судскиот совет, кои се вкупно 40 на број, како што оцени евроамбасадорот, само по себе укажува и зборува за опсегот на проблеми со кои се соочува ова тело.
„Управниот суд донесе одлука Весна Дамевска повторно да се врати на местото претседател на Судскиот совет. Ова е можност за Судскиот совет да ги прифати препораките и да се движи напред. Во некое идно сценарио после изборите, новата влада, која и да е таа, и новиот парламент треба да се поригорозни за да се спроведат преостанатите препораки. На тој начин можеме да имаме Судски совет кој навистина ја врши својата работа и се спротивставува на надворешни влијанија“ – изјави Гир.
Прашан дали Европската Унија наложила временска рамка за имплементација на препораките од Оценската мисија, особено за оние за чие спроведување не се потребни законски измени, евроамбасадорот вели:
„Она што Судскиот совет треба да направи е да ги погледне извештајот и препораките, да види што може да имплементира, имајќи предвид дека тие имаат одговорност не кон Оценската мисија или ЕУ, туку кон обичните граѓани кои очекуваат подобро од она што го виделе досега.“ смета евроамбасадорот.
Испраќањето на Оценската мисија во Скопје, вели евроамбасадорот, беше резултат на загриженоста на ЕУ за работата на Судскиот совет во земјава кој, како што додава Гир, потфрли по сите основи.
„Судскиот совет игра главна улога и е всушност чувар на независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Така што, можете да ја замислите реакцијата минатата пролет и есен кога видовме како Судскиот совет презема активности без правна основа со разрешувањето на поранешната претседателка на Судскиот совет, а тоа сега го потврдува и Управниот суд. Бевме навистина загрижени бидејќи видовме дека Советот потфрлуваше по сите основи и затоа предложивме да дојде Оценската мисија од група судии, експерти од ЕУ, кои знаат како треба да функционира еден судски совет“, вели евроамбасадорот Гир.