Неуставни и незаконски се сите огласи за вработувања во јавната администрација во кои се бара кандидатите да бидат припадници на соодветна националност, затоа што пред Уставот сите се еднакви и нема никаква разлика дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав итн., рече денеска претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска. Таа нагласи дека додека е таа претседател на Уставниот суд не се распишуваат и нема да се распишуваат такви огласи, а за огласите на другите институции во кои веќе две децении се нагласува од која националост треба да бидат примените кандидати рече дека не ги видела, ама ако се такви, огласите се противуставни.
Претседателката рече и дека досега во Уставниот суд нема пристигната иницијатива за оценување на уставноста на начелото на правичната застапеност на припадниците на заедниците, во последниве години попознато како балансер.
– Тоа што се наведува националноста во огласите за вработување е противуставно и противзаконско. Не смее да има такви конкурси, граѓаните се еднакви според Уставот. Јас додека сум претседател таков оглас од Уставниот суд нема да биде објавен по ниедна цена. Имаше повеќе конкурси откако сум јас претседтел и нема да најдете ниеден каде стои националноста на кандидатите. Постапувам исклучиво според Уставот и законите. Кој е најдобар на огласот, тој ќе биде вработен. Сметам дека во секоја институција начинот на вработување треба да е таков. Ако добиеме иницијатива од граѓаните во Уставниот суд ќе се произнесеме конкретно за ова, ќе биде интересен наводот. Поднесете иницијатива, ќе ја разгледаме – повика Кацарска.
На новинарско прашање дали Уставниот суд самоиницијативно ќе поведе постапка за оценување на балансерот, Кацарска одговори дека не може сама да одлучи за тоа.
– Ако колегите гласаат таква одлука по службена должност да поведеме иницијатива, ќе работиме и по таков предмет – рече таа.
Судијката Кацарска претходно зборуваше за укинатата одлука за впишување на националноста во изводите од матичните книги на родените, што беше воведено со цел при вработувањата во јавната администрација да нема злоупотреби, затоа што стана зачестена појава да се даваат лажни изјави за националната припадност, па Македонци се пријавуваа како Албанци итн, само за да се вработат. На прашање дали Уставниот суд гледа потреба со времена мерка да се укине балансерот за да се сопре оваа појава, особено по последниот случај кога Македонка се пријавила како Турчинка на огласот за нови членови во Антикорупциската комисија, Кацарска рече:
– Мене ми е жално некој лажно да се изјаснува за националност за да добие работа. Националноста е лично чувство. Никој во оваа држава не смее никого да принудува да ги каже личните чувства. Може да ги каже на доброволна основа, ако самиот сака да каже што е по националност, но во спротовно не. Такво задолжение за граѓаните не може да постои. Никому не се ускратува какво било право ако не се внесе националноста во изводот. Без разлика дали се Македонци, Турци, Срби итн, граѓаните се еднакви. А за злуопотребите има други институции – рече Кацарска.
Соодветната и правична застапеност на припадниците на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа е темелна вредност на уставниот поредок, воведена во Уставот со амандманот 6 при уставните измени во 2001 година по потпишувањето на Рамковниот мировен договор. Тоа е преточено во Законот за вработените во јавниот сектор, во кој е предвидено дека институциите прават „Годишни планови за вработување врз основа на Методологијата за планирање на вработувањата согласно со начелото за соодветна и правична застапеност“. Според Метологијата, пак, при распределбата на новите вработувања треба да се предвидат повеќе параметри, меѓудругото, „процентуалната застапеност на припадниците на заедниците на централно, односно локално ниво при последно спроведениот попис на населението“.