Во Турција 304 лица уапсени поради врски со Исламска држава

Турските безбедносни сили уапсија 304 лица осомничени дека се поврзани со екстремистичката организација Исламска држава (ИД), соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Акцијата под кодното име „Херои-34“ била спроведена заедно од полицијата и антитерористичката единица во 32 провинции, а најголем број апсења имало во трите најголеми градови Истанбул, Анкара и Измир, напиша Јерликаја на социјалната мрежа X.

Нема информации за националноста на уапсените.

Милитантната група во минатото изврши серија смртоносни напади низ Турција, вклучително и вооружен напад во ноќен клуб во Истанбул на 1 јануари 2017 година, во кој животот го загубија 39 лица.

Не е јасно дали акцијата за апсење била дел од зајакнувањето на безбедноста пред новогодишните прослави.

Министерството за внатрешни работи објави видео на мрежата Х на кое се прикажани слики од рациите, вклучително и полицијата за борба против тероризмот како ги крши вратите, им става лисици на осомничените и ги внесува во полициски возила.