„Во ред е да се бара членство на Украина во ЕУ, но мора да се донесе и одлука за отворање на преговорите со Северна Македонија и со Албанија, а Босна и Херцеговина и Косово да добијат кандидатски статус“. Ова го изјави хрватскиот претседател – Зоран Милановиќ
„Бев повикан да потпишам заедничка изјава со претседателите од Источна Европа, на Украина итно да и се даде статус кандидат за членство во ЕУ. Во ред, состојбата е вонредна и бев подготвен да потпишам, но под услов таков статус да им се даде и на БиХ и на Косово, кое некои членки се уште го немаат признаено. Барав исто така да се донесе одлука за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија кои Брисел ги малтретира со години. Тоа за нас е еднакво важно како и Украина“ рече Милановиќ.
Во врска со Србија и БиХ, тој смета дека нивното место е на Запад, и затоа нивните власти мора да решат дали ќе припаѓаат во ЕУ или Русија.
„Белград треба да реши каде припаѓа, дали во ЕУ или со Русија од сентиментални причини кои можам да ги разберам, но тоа не е практично. Не е време да се изживуваме врз Србија, туку да им кажеме дека сега е време да се одлучат, сега гори. Не мора да ги осудувате Русите. Тешко е, но разбирам. Ајде да видиме дали припаѓате на Запад или на Исток, сега е време за некои далекусежни пораки. Во овој момент не е продуктивно да се плашат луѓето сo накакви нови судири на Косово и во БиХ. Република Српска не може да се извлече од БиХ, тоа е невозможно, нивното место е на Запад, местото на српскиот народ е на Запад, а не во Русија“ – вели Милановиќ.
Според хрватскиот претседател, војната во Украина би можела да се избегне ако Европа имала посилна улога и поактивна улога.