Бугарија слави празник – 144 години од ослободувањето од османлиите

Во соседна Бугарија денеска е национален празник – 144 години од крајот на Руско-турската ослободителна војна. Договорот е потпишан во предградијата на Истанбул – Сан Стефано на 19 февруари / 3 март 1878 година, на роденденот на рускиот император Александар II.

3. март стана официјален и национален празник на Бугарија од 1990 година, по падот на комунизмот во Бугарија.

Свечениот дел каде што се наоѓа Споменикот на слободата ќе се одржи на врвот Шипка каде се воделе клучните битки. На нив ќе присуствуваат премиерот Кирил Петков и претседателот на Народното собрание Никола Минчев. Во Шипка ќе биде и министерот за одбрана на Бугарија Стефан Јанев, кој беше разрешен пред два дена.

Бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија ќе присуствува на кревање на бугарското знаме пред Споменикот на непознатиот војник, а вечерва ќе има и огномет на кој ќе присуствуваат и премиерот Кирил Петков и претседателот на Национално собрание.