Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија на барање на Северна Македонија ќе ѝ испорача 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка.
„Ние денеска ги добивме потребите на Северна Македонија, тие од нас побараа да им испорачаме 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка и тоа можеме веднаш да им испорачаме, немаме проблем во врска со тоа. Тие купуваат пченка од нас и секогаш ќе имаме и за регионот, и за нас, и за Северна Македонија, и за Црна Гора, и за Албанија, и за БиХ“ – изјави Вучиќ.
Според српскиот претседател, Србија има доволно количини на пченка, за брашно тип 500, за леб и за сè друго и нема да го ограничи извозот.
Сепак, македонските власти велат дека не побарале помош од соседот.
„Србија се нуди, а не дека ние сме побарале“ информираше вечерва министерот за локална самоуправа – Горан Милевски, коментирајќи ја денешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Македонија побарала да купи пченица и пченка од нашиот северен сосед.
Според Милевски, српскиот претседател сам се понудил да помогне.