„Ќе продолжиме со зацврстување на соработката меѓу нашите две земји во областа на културата, зачувувањето на наследството и бескомпромисната борба против нелегалното движење на нашето материјално културно богатство“, истакна Елва Маргарити, министерката за култура на Република Албанија, на вчерашната средба со македонската министерка за култура во Тирана, каде што е извршено примопредавање на иконите
Дваесет икони што биле украдени од македонските цркви, а откриени пред една деценија во Албанија, вчера, конечно, ѝ се вратени на нашата држава. Примопредавањето е направено во Тирана, при средбата на македонската министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со нејзината колешка од Република Албанија, Елва Маргарити, а во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година. Се работи за вредни икони, главно, од Струшкиот Регион, кои беа случајно препознаени преку албанските медиуми од македонските експерти вo 2013 година. Како што посочуваат од Министерството за култура, во наредниот период, во Музејот на Македонија ќе се изврши процес на нивна заштита, по што ќе бидат изложени, а потоа и вратени на Македонската православна црква.
„Успешната соработка е потврда за пријателството и довербата што ги негуваме како министерства за култура на Северна Македонија и на Албанија“, посочи Костадиновска-Стојчевска, потенцирајќи ги добрата волја и посветеноста од двете страни за заштита и промоција на заедничките културни обележја.
„Тука, во Тирана, сакам да им се заблагодарам на албанските институции и служби кои ги запленија овие вредни дела, а крадците ги соочија со правдата. На стручните лица од областа на заштитата, и од наша и од албанска страна, им благодарам за професионалниот пристап, кој во голема мера придонесе за овој успешен епилог на десетгодишното патешествие на македонските икони“, посочи исто така министерката Костадиновска -Стојчевска.
На средбата, пак, Маргарити истакна: „Ќе продолжиме со зацврстување на соработката меѓу нашите две земји во областа на културата, зачувувањето на наследството и бескомпромисната борба против нелегалното движење на нашето материјално културно богатство“.
Постапката се финализира по ратификацијата на договорот во двете држави, со што е отворен процесот за враќање и на други икони од Албанија што беа идентификувани.
Инаку, како што информираше министерката минатата година, во рамки на случајот „Икона“, кој се спроведе во текот на октомври 2013 година на територијата на Република Албанија, беа запленети голем број икони и црковни предмети. Во меѓусебна соработка на надлежните органи на двете земји, се разменија информации и сознанија, кои потврдија дека 20 икони не се со потекло на Република Албанија, односно дека постојат индиции оти се нелегално изнесени од Република Македонија.
„Во натамошната постапка се идентификуваа иконите, црквите и манастирите во нашата држава, од кои иконите се незаконски изнесени, временскиот период кога е сторено тоа и начинот на кој се пренесени тие во Република Албанија“, истакна тогаш министерката.
Управата за заштита на културното наследство, пак, согласно со Законот за заштита на културното наследство, донесе решение со кое 20-те икони се утврдија за национално богатство на Република Македонија. Во меѓувреме, како што додаде министерката, било завршено и комплетирање на документацијата според меѓународните прописи, а, исто така, и од страна на колегите од Албанија бил извршен увид во црквите од каде што се украдени иконите.
Историчарот на уметност, д-р Сашо Цветковски од МАНУ, пак, тогаш посочи дека првпат во историјата на нашата држава се потпишува ваков договор и се воспоставува систем на соработка во таа сфера, изразувајќи надеж дека ова ќе продолжи и во иднина. Тој информираше дека едниот процес е завршен, но вториот процес околу уште еден контингент икони што ги идентификуваа, допрва ќе се отвори.
„Во еден период од 2008 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и во Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Ние насетувавме, но не бевме сигурни дека патот ќе нè води кон Албанија. Во 2013 година, откако ги добивме првите информации, тие беа сосема случајно на националната телевизија на Албанија, каде што тогашниот премиер Еди Рама направи увид да се види кои се материјалите што се запленети. Веќе следниот ден се организираше целата постапка, за во декември 2013 година, екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана, во Галеријата на современа уметност, каде што беа депонирани и нашиот прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места, од различни предели на Албанија, Грција, Македонија“, објасни тогаш Цветковски.
Тој додаде дека предноста на нашата држава беше што помеѓу крајот на 50-тите и 70-тите години, тука, во Македонија, е реализиран проектот „Евиденција и регистрација на недвижно културно наследство“, конкретно за икони, и благодарение на таа евиденција, се дознало за најосновните потребни податоци.
„Тогаш идентификувавме 24 илјади икони. Оттогаш наваму, откако се објавија во 1982 година, ние имаме подготвено уште два тома, веќе 26 илјади икони се тука, а бројката оди накај 30 илјади. Постојано сме активни во овие истражувања“ додаде Цветковски. Како што рече, овие икони се важни како репрезент на едно време од 19 век и она што се творело во доменот на таа културна историја.