„Еве втор ден, исто место, иста сала, но денеска малку сменет составот на луѓето кои што се внатре. По вчерашниот цел ден убедување дека неделовнички се става точка на Дневен ред, а тоа е одлуката за разрешување на колега пратеник од Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Денеска на усвојување на Дневниот ред може да здивнат малку владејачкото мнозинство, спрегата ДУИ и нивниот помал коалиционен партнер СДСМ и да го истераат тоа кое што го решија односно она што претставува врв на недемократијата, а тоа е разрешување на пратеник од работно тело без одлука на Комисијата за избори и именувања. СДСМ и ДУИ денеска успеаја и Дневен ред да ни достават затоа што вчера фокусот беше дали ќе имаат луѓе“. Ова го изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Тој додаде дека вчерашниот дневен ред беше грешка затоа што не се размислува на чекорите и Деловникот, туку се мисли како на еден недемократски начин да се вметне точка за разрешување на колега пратеник од работно тело без предлог и одлука од Комисијата за избори именувања.
„Тоа е нешто што во 30 годишната историја на плурализмот на парламентарната демократија и функционирање на македонското Собрание менувајќи се многу состави на пратеници во Собранието, многу претседатели, многу владејачки коалиции и партии се нема случено никогаш“ смета тој.
„Дека ова е неделовнички начин на работа на Собранието имавме можност на 17-ти февруари на гостување на една еминентна телевизија да го слушнеме и претседателот на Собрание, господинот Талат Џафери кој што на прашање дали на пленарка ќе го смени колегата пратеник одговори дека како тоа некој замислува на сила да тера работа на пленарна седница, како на пленарна седница да оди материјал кој што не дошол од соодветна комисија, како мисли да се спроведе полуделовнички и тоа кој мислел да го спроведе полуделовнички нека дојде да го спроведе, или ќе се спроведе деловнички целата работа или нема да се спроведе. Тоа беа зборовите на претседателот на Собранието пред само две недели на едно гостување на една национална телевизија“ – рече Мицевски.
Посочи дека очигледно после две недели проработија тесно партиските интереси и желбите за поставување на лица подобни почнувајќи од Уставен суд, второстепени комисии, и сите оние места каде што треба да ги пополнат владејачкото мнозинство ДУИ и нивниот помал коалиционен партнер СДСМ.
„Ние во текот на вчерашниот ден за потсетување на граѓаните очекував дека претседателот да ја отвори седницата, но очигледно има некои обврски па потпретседателот тука е, и сега ќе биде да речам некоректно прашањето да го поставам на потпретседателот затоа што во текот на вчерашниот ден ние поднесовме 400 амандмани на оваа точка и затоа што ја разгледуваме по второ читање и согласно Деловникот тоа почнување односно произнесување на точката имаме можност да поднесеме амандмани. Амандманите ги поднесовме во архива согласно Деловник, а од тука натаму тековно и каде завршија амандманите немаме одговор“ – потенцираше Мицевски.