Олена Зеленска: Украина е во смртна опасност без помош од Западот

Сопругата на украинскиот претседател Олена Зеленска изјави дека Украинците се во смртна опасност доколку западните земји не продолжат со финансиската поддршка.

„Ако светот се измори, тие само ќе не остават да умреме“, предупреди првата дама на Украина во интервју за Би-Би-Си, откако републиканските сенатори во САД го блокираа клучниот предлог-закон за помош со кој би се обезбедила помош од над 60 милијарди долари.

Во ексклузивното интервју што ќе се емитува во недела, Олена Зеленска рече дека забавувањето на помошта е „смртна опасност“ за нејзината земја. „Навистина ни треба помош… Нè боли кога гледаме знаци дека страсната подготвеност за помош можеби исчезнува. За нас тоа е прашање на живот“, рече таа.

И Велика Британија ги повика политичарите во Вашингтон да се договорат за Украина. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, за време на посетата на Вашингтон претходно оваа недела, ги повика САД да не му даваат на Путин „божиќен подарок“ со блокирање на милијарди долари финансиска поддршка потребна за продолжување на војната против руските сили, потсетува британскиот јавен сервис.