Стоичков: Глувците облечени во скапи костуми го убија Марадона

Легендарниот бугарски фудбалер Христо Стоичков во подкастот „Код спорт“ зборуваше за Диего Марадона, кој почина на 25 ноември 2020 година.

Стоичков, откри дека бил исклучително близок со Аргентинецот, истакна дека се смета себеси за еден од одговорните што не можел да го одвои Марадона од лошото друштво.

„Јас сум еден од оние кои најмногу го критикуваа Диего. Го критикував затоа што остана во капсула со некои луѓе кои секојдневно се шетаа во вратоврска, бела кошула и црн костум. Секој ден беа на иста маса бидејќи тој е Диего Марадона“, истакна Стоичков и продолжи:

„Да не беше тој човек и неговото име, тие глувци никогаш немаше да постојат. За мене тие се убијците на Марадона. Го ставија на таа позиција. Имавме големи расправии со него. Му реков дека се разликува од нив. Јас сум еден од виновниците што не инсистирав до крај. Тој не ги слушаше своите вистински пријатели“.