Мизо: Намалување на корупцијата, бирократијата, унапредување на владеење на правото… се најбитни за странските инвеститори

Македонија како мала држава би можела да се позиционира подобро само преку креативни и конзистентни политики, сериозни анализи и професионално дејствување.

Привлекувањето на странски инвеститори, како и грижата за постоечките странски инвестиции, коишто, реално многу полесно и побргу би се одлучиле за проширување на своите капацитети во земјата, треба да е фокус на професионална организација и институција која има соодветно едуциран и обучен кадар со меѓународно искуство и знаење, како што е пракса насекаде во земјите од Европа и пошироко.

Статистички игри и политиканството се за домашни потреби и треба да се остават на страна во овој сегмент, вели Виктор Мизо, претседател на Совет на странски инвеститори и директор на КОСТАЛ Македонија.

Пренесуваме дел од интервјуто.

Од неодамна сте на чело на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Р.С.Македонија. Како постојните инвеститори гледаат на условите за работа во земјава? Кои се најголемите проблеми и предизвици со кои се соочуваат, а за што даваат добри оценки?

Советот на странски инвеститори ги претставува компаниите со странски капитал кои се присутни и работат тука и има за цел да придонесe во подобрување на бизнис и инвестициската клима во Македонија. Тоа значи подобрување на условите за работа со кои ние како компании се соочуваме, но, исто така, и за сите други домашни компании. Иако Советот на странски инвеститори не е активно вклучен во официјалните процедури и сегменти на процесот на привлекување инвеститори, сепак, задоволството или незадоволството на компаниите од нивното работење во Македонија може да влијае врз одлуките како за реинвестирање на постоечките компании, така и на одлуките на идните потенцијални инвеститори.

Непредвидливоста на економското работење е еден голем проблем со кој се соочуваат сите комании. Најнов пример за тоа е воведувањето на солидарниот данок. Постапката за донесување на Законот за данок на солидарност беше ад-хок, во втората половина на деловната 2023 година, за оданочување на добивката остварена за 2022 година, и со тоа предизвикува потешкотии во финансиското менаџирање на компаниите и, воопшто, лошо планирање на деловното работење на компаниите. Овој закон беше донесен со минимални консултации и вклученост на компаниите на кои се однесува, а за странските инвеститори предвидливоста е неопходна за позитивниот имиџ на државата во која работат и за нивните идни локални планови. Ако целта беше да се таргетираат компании кои покажаа позначително зголемување на профитот за време на Ковид пандемијата, како и во почетокот на Украинската криза, тогаш требаше сето ова да е подобро осмислено, а не да се однесува на сите компании, дури и на производствените. Тие од една страна се субвенционирaни при процесот на инвестирање за да покажат што поскоро раст, а сега и пенализирани кога оствариле поголем профит од претходниот период. Зголемувањето на профитот е логично, ако овие компании инвестирале дури и во услови на криза, и сега остваруваат успеси и креираат поголем профит заради превземање на ризик и имање на визија и договорени дополнителни нови проекти (особено во автомобилската индустрија) во кризна ситуација.

Советот на странски инвеститори реагираше на донесувањето на овој Закон, и заедно со Стопанската комора ќе продолжи да се залага за спречување на вакви и други штетни закони и решенија.

Пред Македонија стојат сериозни предизвици на кои мора да се работи за да го задржи задоволството кај постојните и да предизвика интерес за инвестирање кај нови инвеститори. Овде пред се мислам на унапредување на бизнис климата, што значи намалување на корупцијата, бирократијата, унапредување на владеењето на правото, подобрување на инфраструктурата, почитување на договорите и законите од државните и локални служби итн. Квалитетот и квантитетот на работната сила се клучни за иден развој и успех на една мала економија како што е нашата, но и за привлекување повеќе и поквалитетни инвестиции. Унапредување на образованието, пред се на техничките факултети треба да е врвен приоритет. Вложување од страна на државата во нови лаборатории и примена на најнови технолошки пракси, вклучувајќи Industry 4.0 и 5.0, стимулирање на нивна соработка и колаборација со бизнис заедницата, без разлика дали се тоа странски или домашни компании, воведување на задолжителна пракса во соработка со сите технолошко напредни компании во земјата. Сите овие и други креативни и стимулативни идеи со текот на времето ќе допринесат кон намалување на одливот на мозоци, односно намалување на емиграцијата и нудење на можности за кариерен раст и развој и кај нас.

Геополитичките тензии предизвикуваат промени во тековите на трговија и инвестирање, при што многу компании се одлучуваат да го диверзифицираат и донесат производството поблиску до пазарите. Како гледате на позицијата на Македонија во овој процес и како земјата треба да се позиционира или какви политики и мерки треба да води за да привлече повеќе нови инвестиитори и поголеми инвестиции од постојните инвеститори?

Во светот, веќе подолг период се случуваат големи промени и поместувања на синџирите на добавувачи со тенденција за регионализација или доближување на добавувачите до главните регионални пазари. За нас особено се важни европските и светски производители кои во периодот од почетокот на пандемијата, и подоцна случувањата во Украина, интензивно бараат локации надвор од Кина и Азија заради нивно доближување до европските производни центри, како и преселување на производството од Украина.

Иако имавме неколку најави за идни инвестиции, Македонија, за жал не покажа доволен фокус во овој правец во процесот на привлекување на нови странски инвестиции, преку сериозни секторски анализи да се одредат основните сегменти од индустриите кои сакаме да ги привлечеме; преку активно промовирање на државата како дестинација за инвестирање, директно пристапување до вратите на заинтересираните компании и презентирање на можностите во државата. Голем број инвестиции не одминаа, дел се лоцираа во соседството и за жал, не успеавме како држава да привлечеме повеќе нови брендови. Странските инвестиции засега се воглавно реинвестирања на постојните инвеститори, и инвестиции во обновливи извори на енергија и градежништво, но многу малку во реално производство како преработувачка дејност.

Македонија како мала држава би можела да се позиционира подобро и да поентира од овие динамични текови само преку креативни и конзистентни политики, сериозни анализи и професионално дејствување.

Привлекувањето на странски инвеститори, како и грижата за постоечките странски инвестиции, коишто, реално многу полесно и побргу би се одлучиле за проширување на своите капацитети во земјата, треба да е фокус на професионална организација и институција која има соодветно едуциран и обучен кадар со меѓународно искуство и знаење, како што е пракса насекаде во земјите од Европа и пошироко. Статистички игри и политиканството се за домашни потреби и треба да се остават на страна во овој сегмент.

Во нашето соседство, Србија и Унгарија се примери на успех во привлекување на инвестиции од автомобилската индустрија од најпознатите светски производители на компоненти со високо додадена вредност, вклучувајќи и технолошко напредни оддели за истражување и развој.

Соработката на бизнисот со универзитетите во креирање на соодветен кадар но и во истражувачката дејност, секако стимулирани од страна на државата, процесот на поддршка кон странските инвеститори со професионланост и техничкото знаење на кадрите во нивните институции се пример како може да се достигне високо ниво на развој и успех. Други позитивни и успешни примери, пред се во автомобилската индустрија, на кои може да се угледаме се

КОСТАЛ Македонија станува навистина важен центар за германската групација КОСТАЛ. Досегашниот раст на компанијата е импресивен, но уште поголеми се плановите за иднина. Какви се проценките за производството, извозот и вработувањата за следниот период?

Изминаа седум години од почетокот на работа на КОСТАЛ во Македонија. Во овој период, многу побрзо од првичните планови и проекции, достигнавме бројка од 1.000 вработени со извоз од над 100 милиони евра. Но, многу поважен е фактот што во Охрид се произведуваат најкомплексните компоненти од енергетска електроника и мехатроника од сите европски локации на КОСТАЛ и идните планови за раст и развој се концентрирани на нашата локација. Минатиот месец глобалниот инженерски менаџмент тим помина цела недела тука разгледувајќи идни планови и можности за прогрес и дополнителни компетенции на глобално ниво, но со посебен фокус на развојот на македонскиот оддел. Фокусот, посветеноста, напорната работа и желбата за локализација на нови и комплeксни производи и процеси од страна на тимот во Охрид беа пресудни и во одлуката за реинвестирање за планираниот иден развој со производи за електрични возила на VW групацијата и напредни мехатронски системи за Мерцедес.

Во блиска иднина, секако зависно од брзината на закрепнување на автомобилскиот пазар и економијата во Европа, очекуваме и извозот да порасне над 200 милиони евра на годишно ниво, и дополнителни над 250 работни места.

Нови проекти и диверзификација на клиентите е во план за идниот период, вклучувајќи и можни дополнителни инвестиции и на други локации низ Македонија, ако најдеме разбирање од страна на државата. Доколку овие планови се исполнат, не исклучувам и можен годишен извоз од над 500 милиони евра во догледно време.

Какви се проценките за европската авто индустрија. Се чини дека заостанува во трката на полето на електричните автомобили, а тука се и проблемите со инфлацијата и намалениот стандард, зголемувањето на каматите…Германија како пазар од кој најмногу зависи македонската авто индустрија се оочува со големи проблеми. Како овие процеси влијаат врз побарувачката и производството во индустријата во земјава?

Годинава продажбата на автомобили во Европа бележи голем раст. Во првите девет месеци продажбата е над 17% поголема од 2022 година, кога достигнавме децениско дно на индустријата во Европа, но сепак повеќе од 20% помалку од пред-пандемиската 2019 година. Растот до крајот на годинава и секако во 2024 година сметам дека ќе е многу поспор, и сите проценки предвидуваат дека дури околу 2028-2030 година ќе стигнеме до пред-кризните бројки, барем во Европа.

Високата инфлација, каматните стапки, несигурноста и стравот од војната во Украина, проблемите кои се уште постојат во ланците на добавувачи, притисокот за диверзификација и помала зависност од Кина, како и недостатокот на чипови кои се уште се провлекува на еден или друг начин, создаваат намалена побарувачка и сентимент за купување нови автомобили.

Електрификацијата е многу побрза во Кина отколку остатокот на светот. Дури и Европа, и пред се европските брендови, изгледа дека не се снајдоа според очекувањата и прогнозите, споредено со конкуренцијата од Кина. Заклучно со август, 18% од сите глобално продадени возила се електрични. Но, од првите 20 најпродавани електрични модели, само два се американски (Тесла е број 1 и 3), 2 се германски (VW е број 11 и 17) и еден е корејски (Хјундаи е број 19). Сите други се кинески брендови, каде BYD има дури седум модели помеѓу првите 13.

Сите овие случувања, вклучувајќи ги и времено затворените капацитети на VW за производство на електрични возила во период од неколку недели оваа есен (дел заради намалена побарувачка за нивните производи, а дел заради поплавите во Словенија и недостаток на клучни компоненти) сигурно дека имаат влијание и на работата на автомобилските добавувачи во Македонија. Зависно од клиентите и моделите за кои компаниите во Македонија работат, може да видиме делумно намалување на обемот на работа, што во реалноста значи и откажување на смени или престанок на работа на некои производни линии, заради усогласување на производството со побарувачката.