Со новиот Закон за помилување кој е предложен од Министерството за правда, а беше разгледан и утврден на седница на Влада, претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на определени лица.
При изготвувањето на законот беа разгледани повеќе компаративни искуства како што се решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи.
Причините за донесување на Законот за помилување, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со Предлогот.
Она што е важно е што во него има прецизни рокови и докрај се прецизаат ингеренциите на сите засегнати страни кои учествуваат во процесот. Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими. Односно, со овој Предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето.
Исто така се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени.