Македонското МНР информира дека во соработка со партнерски земји обезбеди транспорт за евакуација на македонски државјани кои се наоѓаат во Одеса, Украина.
Оттаму апелираат до македонските граѓани кои се во Одеса, итно да го контактираат дежурниот телефонски број +389 75 273 732 за координација.
Од Министерството велат дека прават напори да обезбедат евакуација и за македонските државјани кои во моментот се наоѓаат во Харков и Киев.
Во главниот украински град се заглавени неколку македонски семејства, меѓу кои и она на Сашо Андонов. Тој за ситуацијата алармираше синоќа на социјалните мрежи, велејќи дека се оставени без транспорт и помош од Амбасадата.
Вчера до Министерството се обратиле уште неколку македонски граѓани, транспортери на камиони, кои заради воените дејствија во Украина биле заглавени на украинско-полската и украинско-романската граница.
„Амбасадите во Букурешт и Варшава, цел ден активно комуницираат со полските и романските власти, а се обидуваат и преку украинските конзулати во Романија и Полска да им помогнат на овие наши превозници за да ја напуштат украинската територија без да претрпат економски последици. Истовремено апелираме до сите транспортни превозници да се воздржат од проток и патувања кон Украина затоа што состојбите се крајно непредвидливи и нашите институции не можат да им ја гарантираат нивната безбедност“, се вели во соопштението од министерството.
Денеска е четврти ден од руската инвазија на Украина.