(Видео) Поповски: Ако „Синохидро“ како кинеска компанија не може да направи автопат од 50 километри, таа Кина ли треба на Балканот да прави железници, аеродроми?

„Инфлација мериме на неколку начини, единствената официјална инфлација е просечниот индекс на пораст на трошоците на живот во текот на годината. Во првите 10 месеци просечна годишна инфлација е 10,7%, а годишната е 3%. Владата се реферира на тоа, дека таа од 10, ќе заврши на 7%, тоа е премногу оптимистично“ – вели поранешниот министер за финансии, проф. Никола Поповски во најновото издание на Трилинг.

Поповски со став дека „постигнатата рестриктивност ќе се задржи, нема да се намали. Не треба да очекуваме во наредните 6-7 месеци да се намали рестриктивноста, но може да очекуваме да не се зголемува. Курсот на денарот го следи еврото уште од 1994 година, претходно марката, сега еврото. Во нашиот инфлациски индекс цената на храната и на енергенсите учествуваат со 50%, во ЕУ со 30%“.

„Јавниот долг се намалува, тој е околу 8 милијарди евра, се намалува во однос на БДП, тоа е реален показател. Инфлацијата ќе запре, она што е важно за јавниот долг е тоа што ќе продолжи растот на БДП. Сивата економија тешко се мери, буџетската потрошувачка сега е одржлива. Македонија и порано немала голем проблем со Буџетот, за разлика од земјите во соседството“ вели Поповски.

На прашање за автопатот Кичево – Охрид, проф. Поповски вели:

„Со `Синохидро`, од 380 автопатот стана 650 милиони евра, за 10 години 50 километри автопат. Кина во Македонија не покажа дека е релевантен фактор, добија една шанса. Потфрли и Македонија, но потфрли и Кина. Сега размислувам дури и дека Кина не е тоа што претпоставуваме. Ако `Синохидро` како кинеска компанија не може да го направи автопатот, таа Кина ли треба на Балканот да прави железници, аеродроми. Случајни кадри произведуваат вакви проекти“.

За политичките прашања, Поповски смета дека „Ако некој во Македонија е инсталиран во институциите, тоа е ДУИ. Тие се најмалку подложни на промена на власта. ДУИ создаде своја политичко-бизнис олигархија, а на надворешните фактори им одговара таквото инсталирање. Албанскиот фактор во земјава е инструментализиран“.

„Нам ни е местото во ЕУ, изодевме долг пат, направивме многу реформи. Понекогаш ќе се јавуваат проблеми. Сметам дека најголема пречка во ЕУ ќе ни се Бугарите. Знаеме дека таму сопките ќе се бесконечни, а ЕУ ќе го толерира тоа“ вели Поповски.

„Мислам дека нема да има промена во претседателската функција“, анализира Поповски за идната година, додека за парламентарните избори смета дека се е отворено.