Меѓусебни обвинувања меѓу Цаноски и апелација за предметот „ТНТ“

Дактилографка од скопскиот Кривичен суд намерно направила грешка во куцањето на пресудата за случајот ТНТ, за обвинетите да може да се жалат, претседателката на скопска Апелација Мери Дика намерно му го дала предметот на судијата Ѓоко Ристов, а тој намерно го одолговлекувал случајот за да застари.

Со вакви сериозни обвинувања денеска излезе бизнисменот Фијат Цаноски, кој според првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1, требаше да добие оштета од скоро 11 милиони евра за уривањето на станбено-деловниот комплекс Космос. Тој го обвини судијата Ристов за злоупотреби за случајот да се одолговлечи. Најави кривична пријава против него. Оштетата ќе си ја бара од судијата.

„Тој има наредба од некого и затоа велам дека е организиран криминал и оти тука е поврзана поголема група којашто има некои други интереси. Затоа треба Обвинителството да направи истрага и да види кои се тие, тоа е злосторничко здружување“, вели Цаноски.

По донесувањето на измените на Кривичниот законик, случајот ќе застари. Судијата Ѓоко Ристов, во кус телефонски разговор за Телма, вели дека ниту е одолговлекувано, ниту се пробиени рокови. Не ги донесов јас измените на Кривичниот закон за случајот да застари, вели тој и најави детално образложение во пресудата.

Апелациониот суд реагира дека на прес-конференцијата на Цаноски биле изнесени низа невистини. Тие соопштија дека случајот во ноември 2022, преку електронскиот систем АКМИС, бил распореден кај судијата-известител Енвер Беџети. Тогашната в.д. претседателка на скопска Апелација Лидија Димчевска во декември направила распоред за работа со кој судијата Ѓоко Ристов е распореден да претседава со совет од петмина судии.

На почетокот на годинава, Димчевска го прераспоредува судијата Беџети да постапува по прекршочни предмети, а неговите незавршени предмети се распоредени кај други судии. На почетокот на февруари, предметот ТНТ при автоматска распределба се паднал кај судијата-известител Ѓоко Ристов, кој исто така претседавал со советот од петмина судии.

Димчевска заминала во пензија на почетокот на февруари, а Мери Дика Георгиевска е поставена за в.д. претседател на Судот на 3 февруари.

„По преземање на функцијата вршител на должност Претседател на Апелациониот суд Скопје, судијата м-р Мери Дика Георгиевска нема преземено ниту едно дејствие во насока на прераспределба на предметот“, реагира Апелациониот суд Скопје.

Скопскиот Кривичен суд во мај минатата година ги осуди поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и тогашната градежна инспекторка Елизабета Најдовска за незаконски уривање на комплексот Космос во 2011 година и ги задолжи да ја надоместат штетата од 11 милиони евра. Тие се жалеа на Апелација, а по измените на Кривичниот законик, случајот ќе застари и ќе нема од кого да се наплати штетата.

Судијата јавно му досуди на Миле Јанакиески три години затвор, но во преписот на пресудата било напишано дека е осуден на три години и шест месеци. Исто така во преписот што го добиле странките не било напишано дека во казната им се пресметува времето поминато во притвор. Тие поради тоа се жалеле.

Адвокатката на Цаноски смета дека наместо Ристов веднаш да го врати предметот во Кривичниот суд за да си ја исправи грешката, тој закажал јавна седница на Апелација за мај годинава, па го враќа предметот во Кривичниот суд дури во јули, само три дена пред да почнат одморите, а Кривичниот суд го враќа исправен во септември годинава. Неколку дена подоцна Собранието ги носи измените на Кривичниот законик со кои делото застарува. Тимот на Цаноски вели дека наместо пресудата да се донесе на почетокот на септември, Апелација за утре закажува нова седница за случајот. Ако се одржи, случајот ќе застари. Апелација реагира дека се работи за обемен и комплексен предмет и оти сите рокови се испочитувани.