Отровниот отпад во Орман бил донесен од Пробиштип: Инспекторатот бара дислоцирање на токсичниот отпад
Опасниот отпад од село Орман ќе се прошета во општина Чучер Сандево каде што згурата ќе треба безбедно да биде пренесена тврдат од државниот инспекторат за животна средина. Правниот субјект покрај тоа што ќе мора да го дислоцира отпадот ќе добие и забрана за работа во рок три месеци.
„Во понатамошна инспекциска постапка во законски превиден рок ќе биде изготвено решение со кое ќе треба безбедно да се дислоцира односно врати згурата по соодветна процедура од локацијата од приватен имот во с.Орман, о.Ѓорче Петров на локација во кругот на операторот во О.Чучер Сандево од каде истата е генерирана“, велат од државниот инспекторат за животна средина.
Невладините претходно открија дека станува збор за фирмата „Рецикл Еко Стар“ со седиште во Општина Чучер Сандево, но министерката за животна средина не открива за која фирма станува збор, само дека згурата била носена од Пробиштип во Скопје. Сопственикот вели и ќе го санира прекршокот и ќе плати казна за незаконските дејствија. Во понеделник треба да бидат готови резултатите по што ќе се знаат следните чекори, додава Шукова.
„Значи нема да дозволиме во иднина повторно истата активност да се случува, не само во Скопје туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи какви активности имало само чекаме да видиме за каков тип на отпад станува збор“ , вели Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање.
Доколку за две недели не биде дислоциран отпадот ќе следува казна,тврди градоначалникот на Општина Ѓорче Петров.
„Ќе ги чекаме надлежните да излезат со официјален став, официјално соопштение за да знаеме што кои мерки евентуално би се очекувале од нас како општина во иднина да ги преземеме“, вели Александар Стојковски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.
За справување со вакви ситуации потребни се капацитети и пари смета министерот Ристо Пенов и побара од градските власти веднаш да биде казнет сторителот.
„Јас не верувам и да ја задолжиме фирмата дека и таа е способна во краток рок тоа да го расчисти. И затоа и како држава и како локална самоуправа и како Влада мораа да ги зајакнуваме нашите капацитети кадровски и уште повеќе технички за да можеме да се справуваме со ваков проблем“, вели Ристо Пенов, министер за локална самоуправа.
Казната за ваков прекршок за физичко лице е 250, а за фирма 120.000 евра. Во скопски Орман е пронајден опасен отпад, а државниот инспекторат за животна средина лоцирал одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии со проценка од околу 500 до 600 тони.