Измените во Кривичниот законик ја запреа кривичната постапка за случајот „Траекторија“, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Како обвинети во случајот беа ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се гонеа по член 353 од Кривичниот законик за делото злоупотреба на службената положба и овластување, за кое со најновите измени на КЗ се намалени казните и е воведена горна граница, што повлекува застарување на делата.
Меѓу обвинетите во „Траекторија“ беше и експремиерот Никола Груевски кој се гони за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
На денешното судско рочиште за случајот, обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот, побара повлекување на обвинението против поранешниот премиер Груевски поради настапување апсолутна застареност, а запирање на постапката за другите тројца обвинети да запре поради измените на Кривичниот законик.
„Имајќи го предвид предлогот на Јавното обвинителство и измените на Кривичниот законик, Судот донесе решение, се запира кривичната постапка против обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службена положба и овластување, како и обвинителниот предлог против Никола Груевски за кривично дело примање награда за противзаконито влијание“ – рече претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков.
Трошоците на постапката, согласно денешното решение, паѓаат на товар на државата.
Инаку, претходно во септември рочиштето за случајот „Траекторија“ продолжи без ниту од надлежниот обвинител ниту од одбраната да бидат спомнати измените на Кривичниот законик. Обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК), Лиле Стефанова, тогаш не сакаше да даде изјава во врска со прашањата кои произлегуваат од измените на КЗ.
Ваквиот исход за случајот „Траекторија“ веќе беше навестен од невладините организации специјализирани за следење на судските процеси по контроверзните измени на Кривичниот закони кои Владата ги усвои кон крајот на август, а Собранието ги изгласа на 6 септември.