Претседателот на Русија – Владимир Путин е подготвен да испрати делегација во Минск на преговори со претставници на Украина, соопшти денеска Кремљ по телефонскиот разговор на рускиот претседател со неговиот кинески колега – Си Џинпинг.
Путин му рекол на Си дека руската воена операција во Украина е неопходна за заштита на луѓето од „геноцид“.
Официјален Кремљ соопшти дека Си ги почитува дејствијата на Русија и дека е подготвен за блиска координација и взаемна поддршка во Обединетите нации, каде и двајцата имаат постојани членки на Советот за безбедност со право на вето.
Кинеската новинска агенција „Синхуа“ по телефонскиот разговор лиферуваше кусо соопштение – „Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави денеска дека кинеската страна ја поддржува руската страна во решавањето на проблемот преку преговори со украинската страна“.
„На 25 февруари, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека е подготвен да разговара за неутралниот статус на Украина“ – изјави портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков.
Тој вели дека уште на почетокот Путин кажал дека „целта на операцијата е да им се помогне на ДНР и ЛНР, вклучително и преку денацификација и демилитаризација на Украина. И ова, всушност, е составен дел на неутралниот статус“.
Портпаролот на Кремљ тврди дека белорускиот претседател Александар Лукашенко го уверил Путин дека Минск ќе биде подготвен да ги создаде сите неопходни услови за разговори меѓу Украина и Русија.