
Австралија се повлече од СП 2034, Саудиска Арабија единствен кандидат за организатор
Австралија денеска се откажа од својата кандидатура да биде домаќин на Светското фудбалско првенство во 2034 година.
Со ова Саудиска Арабија остана единствен кандидат за организација на Мундијалот во 2034 година.
Ја проучувавме можноста да поднесеме понуда за домаќин на Светското првенство и откако ги земавме предвид сите фактори решивме да се повлечеме“, се вели во соопштението на Фудбалскиот сојуз на Австралија.
Откако објави дека е во преговори со Австралија за заедничка кандидатура, Фудбалскиот сојуз на Индонезија пред десет дена донесе конечна одлука и понатаму да ја поддржи кандидатурата на Саудиска Арабија.
А Азиската фудбалска конфедерација ја поддржа кандидатурата на Саудиска Арабија.
Крајниот рок за испраќање апликации е 31 октомври.
Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, додека Светското првенство во 2030 година ќе го организираат Шпанија, Португалија и Мароко.