Петер Стано – портпаролот на ЕУ денеска во Брисел изјави дека никој не може да ја предвиди конечната цел на руската воена инвазија на Украина и ги отфрли објаснувањата на рускиот претседател Владимир Путин дека станува збор за спречување геноцид и „денацификација“ на Украина.
„Тоа е целосно бесмислено, бидејќи тој е тој што го прави (геноцидот) или е на пат да го направи. Тој зборува за ослободување на Украина од нацизмот, но се однесува како нацист“ – рече Стано.
Тој рече дека никој не ја знае конечната цел на Путин, бидејќи, како што додаде, тој никогаш официјално не ја објавил.
„Ова е толку нерационално, неоправдано и неразбирливо што е тешко да се види која е целта. Гледаме што се случува. Во основа, тој сака да ја уништи Украина, да и ја одземе независноста и да нанесе штета и страдање на украинскиот народ. Тоа е апсолутно нехумано и нецивилизирано и не припаѓа на Европа од 21 век“ – објасни Стано.