Амбасадорите на Квинта на итен состанок кај Курти пред да дојде Фон дер Лајен во Приштина

Амбасадорите на земјите од Квинта во Приштина денеска се сретнаа со премиерот на Косово, Албин Курти, пренесува Коха.

Причината за средбата засега не е позната, а таа се случила пред средбата на Курти со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска од Скопје треба да пристигне во Приштина, во рамки на четиридневната посета на Западен Балкан.

За време на престојот во Приштина, предвидено е Фон дер Лајен да се сретне и со претседателката на Косово – Вјоса Османи. Таа утре ќе престојува во Подгорица, каде ќе разговара со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и со техничкиот премиер Дритан Абазовиќ.

Во рамки на посетата на Белград, каде што треба да пристигне утре попладне, претседателката на Европската комисија ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.

Таа во среда во Сараево ќе разговара со членовите на Претседателството на БиХ и со претседателката на Советот на министри, Борјана Кришто.