Фон дер Лајен: Изборот е ваш, промена на Уставот или статус кво за државата

Ковачевски: Уверен сум дека членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но остварлива цел

„Тука сум да ви кажам дека сте на добар пат да се приклучите на ЕУ, со нетрпение очекувам да ве пречекаме таму. Неверојатно е да се види напредокот што Северна Македонија го постигна, тоа е импресивно. ЕУ не била секогаш унија на 27 членки, има историја на почитување на сите, на сите нации. Еден ден сигурен сум дека ќе ја пречекаме С. Македонија со идентитетот и сопствениот јазик. Еден ден ќе го вброиме македонскиот јазик меѓу останатите. С. Македонија веќе изоде многу, мојата желба е апсолутно да продолжите. Скрининг процесот се одвива одлично. Ние се стремиме да ги отвориме преговорите оваа година. Свесна сум со тековната работа за уставните измени, се надевам дека сите страни ќе ја искористат оваа можност за да се придвижат напред. Знам дека овие процеси може да се предизвикувачки“ рече меѓудругото претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен во Скопје, на заедничката прес конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Претходно премиерот рече дека „Оваа земја и нашите граѓани можат повеќе. Уверен сум дека членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но остварлива цел. Нашите идни генерации ќе живеат во Европска унија, побогати со подобар стандард од сега“.

Фон дер Лајен посочи дека „се стремиме да ја удвоиме економијата во следната деценија, ги отвораме вратите на економскиот пазар, бараме од вас да го отворите заедничкиот регионален пазар, во Западен Балкан, и тој може ако се заврши да го зголеми БДП на Западен Балкан за 10%“.

„Клучно е да се продолжи со реформите за ефикасна администрација, за независноста на судството и борбата со корупцијата. Реформите никогаш не се лесни“ подвлече таа.

„Непобитен факт е дека евроинтеграциите се многу важни за економскиот развој на државата бидејќи овозможуваат пристап до финансиски средства.

Од независноста до денес, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра – грантови и макрофинансиска поддршка, средства кои ни овозможиле развој.

Европската иднина, европскиот начин на живот е желба на граѓаните. Тоа е вистина и денес, исто како што беше вистина и во 91ва и во 2016та година. После повеќе од децениски застој и активно и системско уназадување на сите демократски процеси кои ја донесоа земјата до статусот заробена држава, денес, само шест години подоцна, ние сме држава членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ, кога само пред година и половина голем број на граѓани се прашуваа дали Северна Македонија може да ги отпочне преговорите и дали може да има преговарачка рамка, да, тоа може да се направи и дека по 17 години Северна Македонија може да ги отпочне преговорите со ЕУ.

Ние имаме Влада која е отчетна и транспарентна која овозможи земјата да биде на 38 место во однос на слободата на медиумите и , наспроти 118то место во 2016. Земја во која социјалната правда е основен принцип на кој се работи и кој резултира со 100% повисока минимална плата, 40% покачени пензии за само неколку години, просечна плата која е веќе над 600 евра, нешто што до пред некоја година беше практично незамисливо за нашите граѓани.

Секако дека ни останува уште многу работа, за тоа сме свесни, но јас често велам, – со напорна работа, нема недостижна цел. Верувам дека оваа земја и нашите граѓани, можат многу повеќе и подобро и дека ќе направат сѐ за својата европска иднина. За европската иднина на денешните и идните генерации.

И затоа сум уверен дека членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но остварлива цел. На Северна Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација каква што гледавме во минатото. Патот до ЕУ не е лесен, но мора да се изоди. Затоа што на крајот на тој пат е големата награда а тоа е полноправно членство во ЕУ, членство во Унија на најразвиените, најбогатите држави во кои економски просперитет, социјална правда и врвно владеењето на демократијата и правото. Нашите граѓани, идните генерации ќе живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет, но она што е најважно, побогати и со подобар стандард од тоа што го имаат сега“ е пораката која од денешната прес-конференција ја испрати премиерот Ковачевски.