Мицкоски: Вртоглаво се зголемија цените на струјата, бензините, млекото, а платите имаат нула раст!

„Овие денови слушаме и гледаме како Владата се фали дека направиле да расте минималната плата. Никој од нас, буквално никој од нас нема ништо против таквиот чекор, но суштината е дека тој не е доволен. Инфлацијата од рекордни 6.7 проценти одамна го јаде покачувањето на минималната плата, а проблемот останува и со оние илјадници кои не добија никакво покачување. Власта со невидена леснотија го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание за усогласување на платите со коефициентите предвидени со колективните договори, а кои што се однесуваат на сложеноста и тежината на работните места и на работните задачи“. Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот регионален отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“

Тој потенцираше дека граѓаните се соочуваат со стагфлација и должничко ропство, укажувајќи дека за три години цената на струјата е покачена за повеќе од 30 проценти, цената на бензините е покачена за повеќе од 60%, зејтинот во овој период е покачен за повеќе од 40%, брашното за 38%, млекото е поскапо за 20 проценти, а платите на граѓаните имаат раст од нула денари.

„И реалниот живот говори дека ако трошоците во 2019-тата година за едно четиричлено беа околу 32.000 денари, денеска две години потоа на крајот на 2021 година тие изнесуваат 35 илјади денари. За три години цената на струјата е покачена за повеќе од 30 проценти, цената на бензините е покачена за повеќе од 60%. Зејтинот во овој период е покачен за повеќе од 40%. Брашното за 38%, млекото е поскапо за 20 проценти. А, за колку пораснаа платите додека сето ова растеше? Одговорот е нула. Ете затоа имаме сиромаштија, и затоа 500 илјади луѓе во Македонија живеат со помалку од 150 денари на ден“ – Мицкоски.