Османи: Во однос на јазикот не расправаме, нема да правиме никакви компромиси

„Наше е барањето да има еден сеопфатен документ со кој се затворат сите барања еднаш засекогаш, одноно нема да има постојано појавување на нови барања, нови позиции туку сите елементи кои се важни за нас, според нашата државна позиција, но и оние елементи кои се барање на Република Бугарија ќе се врзат во еден сеопфатен документ на меѓусебно зависни и временски зависни елементи. Тоа е наше барање не е барање на Република Бугарија. Погрешна е перцепцијата дека најавата на еден таков сеопфатен протокол кој инаку е постоечки инструмент од Договорот од 2017 година, дека најавува некакво поместување од нашата позиција. Напротив, тоа е зацврстување на нашата позиција со гаранции дека веќе нема да има нови барања“.

Ова вечерва на тв Телма го изјави министерот за надворешни работи – Бујар Османи.

Тој изјави дека целиот спор е покренат со оспорувањето на преговарачката рамка, која од 27-те земји членки на ЕУ, единствено ја оспорува Бугарија, и тоа заради прашањето на македонскиот јазик и имплементацијата на Договорот за добрососедство од 2017 година, кој ги вклучува говорот на омраза, прашањето на рехабилитација на жртвите од комунизмот историските прашања, и прашањето за внесување на бугарската заедница во уставот.

„Нашите позиции се целосно согласно нашата Резолуција во Собранието. Во однос на јазикот не расправаме и нема да направиме никакви компромиси. Нема да има во преговарачката рамка патоказ за имплементрација на Договорот од 2017 година, не само заради тоа што ние не сакаме, туку заради тоа што земјите – членки не дозволуваат билатерални прашања да влезат во процес преку кој една држава станува европска држава. Разговараме само за начини на надминување на ова прашање заштитувајќи ги нашите државни позциии – јазикот како што е, согласно Португалскиот предлог, Советот за стабилизација и асоцијација како место каде што би се следела имплементацијата на Договорот од 2017 година“ – посочи Османи.

Тој истакна дека не гледа никаков проблем во однос на внесувањето на Бугарите во нашиот Устав.