Бајден: САД се посветени на безбедноста на индо-пацифичкиот регион

Американскиот претседател Џозеф Бајден се сретна со лидерите на Пацифичките острови на почетокот на вториот самит организиран од Белата куќа за нешто повеќе од една година, пренесува Ројтерс.

Пред да ги пречека лидерите собрани под покровителство на Форумот на 18 нации на Пацифичките Острови (PIF), Бајден најави американско дипломатско признавање на уште две островски нации во Пацификот – Куковите Острови и Ниуе.

„САД се посветени на безбедноста на индо-пацифичкиот регион кој е слободен, отворен, просперитетен и безбеден“. Посветени сме да работиме со сите држави на оваа маса за да ја постигнеме таа цел“, рече Бајден на отворањето на состанокот.

За време на тридневниот самит, учесниците ќе се занимаваат со можностите за блокирање на натамошното проширување на кинеското влијание во стратешкиот регион кој официјален Вашингтон долго време го смета за своја зона на влијание, пренесува Ројтерс.

САД најавија дека ќе обезбедат средства за подобрување на инфраструктурата во регионот на Тихиот Океан, вклучително и подобрување на интернет конекцијата преку подводни кабли.

На минатогодишниот самит со 14 островски држави на Тихиот Океан, администрацијата на Бајден вети дека ќе им помогне на островјаните да се спротивстават на она што го опиша како кинеска „економска принуда“, со порака за заедничка визија за процут на демократијата во тој дел од светот.

Белата куќа најави дека оваа година ќе се фокусира на приоритетите, вклучувајќи ги климатските промени, економскиот раст, одржливиот развој, јавното здравје и борбата против нелегалниот риболов, пренесува Танјуг.